„Убавата игра“, како што го нарече фудбалот Бразилецот Пеле, за да стигне до денешниот лик, се развиваше неколку милениуми, играта имаше разни
форми и имиња. Денес СП е најголемиот светски собир на натпреварувачи од еден спорт, играта полна со страст и со емоции привлекува до 3,5 милијарди гледачи, трофејот е најпосакуваниот пехар во светот, настапот и триумфот на глобалниот собир се потврда на вредностите, а сето тоа заедно и многу други нешта го прават фудбалот повеќе од само игра

Фудбалот, едноставната игра со топка, помина долг пат од илјадници години за денес само тој спорт да може да запре половина планета, барем на 90 минути, за само оваа игра да предизвикува толку многу емоции и да биде вистински глобален спорт, планетарен феномен, а денес и вносна индустрија.
„Убавата игра“, како што прв го нарече фудбалот, кралот на фудбалот, Бразилецот Пеле, за да стигне до денешниот лик, се развиваше неколку милениуми. Според Светската фудбалска федерација (ФИФА), првите знаци на игра како фудбалот се појавиле во Кина, каде што играта имала име тсу чу, а се практикувала околу третиот век пред новата ера. Според други податоци, слични игри имале Јапонците, под име кемари, потоа и Инките, каде што играта била позната под името тлачтли, па старите Римјани, кај кои таа се викала харпастум, а податоци има за варијанти на фудбалот и во Франција, Северна Америка, кај Ескимите…

Повеќето од овие игри повеќе личеле на денешното рагби, затоа што била дозволена употреба на рацете. Но, тсу чу, кемари, тлачтли, харпастум…, низ годините поминале низ многу трансформации, фудбалот во својот развој до тоа што е денес надминал и неколкувековна прохибиција, се соочил со многу технолошки проблеми за денес да биде убедливо најпопуларниот, најраспространетиот, најпрофитабилниот… спорт на планетата.
Фудбалската игра каква што ја знаеме, пак, е стара над 150 години, бидејќи, на пример, во 1863 година формирана е Фудбалската асоцијација на Англија. Тогаш рагбито и идниот фудбал тргнаа по свои патишта. А дотогаш, откако десетина века порано играта со шутирање топка пристигнала на Островот, местото кое денес е официјално колепка на фудбалот, со векови се играла играта позната по својата екстремна грубост и која поради тоа од 14 до 17 век разни владетели (и во други делови од светот) повремено ја забранувале со закон.

Документи од тоа време посочуваат дека тогаш е и роден зборот фудбал, како појаснување дека се игра со топка и со нога. Надминувајќи ги забраните, примајќи ги влијанијата од разни делови од светот, фудбалот полека се култивирал, а првите фудбалски луѓе од 19 век почнале да ги унифицираат правилата.
Со време тие биле модифицирани или се воведувале новини, па така, на пример, изведувањето корнер и одредувањето на димензијата на топката се случиле во 1872 година, пречка над стативите е поставена во 1875-та, изведувањето аут со рака е од 1882-ра, капитени на тимовите се воведени во 1886-та, мрежите на головите се поставени во 1890 година, првиот пенал бил изведен во 1891-ва, броеви на дресовите се пишуваат од 1939-та, жолтите и црвените картони се покажуваат од 1970 година…
По сѐ, по сите моделирања низ милениумите, крупни и ситни, денес фудбалот можеби е и единствен спорт што на глобално ниво предизвикува толкава страст. „Најважната споредна работа на светот“, како што го нарекуваат фудбалот, е инспирација за многумина, пишувани се и многу научни трудови, а познати луѓе од разни области го истакнуваат фудбалот и како извор на животни лекции.

Така, писателот и нобеловец, Французинот Албер Ками, инаку голман на универзитетска екипа во 20-тите години од минатиот век, на пример, рекол: „Низ годините видов многу работи, но сѐ што знам за моралот и за обврските, му должам на фудбалот“.
Таквата игра, полна со страст и со емоции, со возбудливи завршници, неочекувани пресврти, вистински спортски драми и која е една од ретките во која често не победува фаворитот и побогатиот, со години ги полни стадионите, а пред ТВ-екраните се собираат и многу повеќе, на моменти и половина планета.
Во деновите што следуваат, на фудбалските терени ќе се одвива познатиот „фудбалскиот циркус“, светското првенство, кое дебито во вид на организирано натпреварување на меѓународно ниво го имаше во далечната 1930 година во Уругвај. Но, историјата на „најважната работа во најважната споредна работа на светот“ почна малку порано, а идејата за светски првенства била прифатена од ФИФА во 1928 година, цели 24 години по нејзиното основање.

Светското првенство во организација на ФИФА е најголемиот светски собир на натпреварувачи од еден спорт. Светските првенства еволуираа од своите корени поставени во 20-тите години од минатиот век со олимпиското движење. Првото СП му беше доделено на Уругвај во 1930 година, на кое со покани и без квалификации се собраа 13 селекции.
По ова мундијалите процветаа во следните речиси 90 години, привлекувајќи ја секоја земја што игра фудбал (ФИФА има 211 членки) да се вклучи и сите заедно да привлекуваат, според некои податоци до 3,5 милијарди гледачи (планетата има околу 7,5 милијарди) за време на мундијалите, трофејот за светскиот првак да стане најпосакуваниот пехар во светот, настапот и триумфот на глобалниот собир да бидат потврда на вредностите, а сето тоа заедно и многу други нешта да го направат фудбалот повеќе од само игра.