Државата, односно Министерството за екологија може да им помогне на граѓаните да купуваат еколошки печки и горива за греење на куќите, но со тоа само се подобрува лошиот еколошки статус по однос на загадувањето, но не и социјалниот. Не може еколошкиот статус да биде решен пред социјалниот. Како да им помогнеш на граѓаните да се однесуваат еколошки во животната средина, ако проблемите со исхраната и другите потреби не им се решени. Во обратниот случај тие нема да го одбијат решението за намалување на еколошките загадувања, но сепак најбитни им се секојдневните животни потреби. На многу од фамилиите во градовите во нашата држава проблемот од загадувањето не им е најважен. Многу од нив се изневерени што се доселиле во градовите, велат изневерени сме, излажани и сега многу тешко би се вратиле во нашите места од каде што сме дошле. Затоа треба добро да се обмисли решавањето за загадувањето во некои градови во државата преку помагањето на куќите за намалувањето на истото тоа.

Потребно е уште да се бараат загадувачите на воздухот во Скопје, како што е гинекологијата во Чаир. Дали има уште некои? Да се утврди дневната потрошувачка на мазут во Скопје за време на грејната сезона? Откако ќе се утврди дефинитивно, тогаш да се интервенира кај фамилијарните куќи што трошат различни горива. Во нашиот главен град во кој има систем за централно греење, задача за намалување на загадувањето треба да ѝ се даде на Топлификацијата на градот. Заради нејзино залагање за воведување централно загревање, во сите предели на градот, преку ширење на нејзината мрежа. Поставувањето на централното греење е основа за намалување на еколошките проблеми. Не треба да се отстапува од таквите целосни и основни решенија за греење на големите градски средини (Скопје, Битола, Тетово и сл.), каде што веќе постои систем за централно греење.

Помагањето на овие системи за централно греење ја збогатуваат државата ѝ и дават можност полесно да ги решава социјалните проблеми и другите проблеми редоследно во општеството. Инвестирањето во системи за централно греење, дури и отворање на нови системи за одделни предели и сл. е оправдано зашто тие користат евтини и еколошки горива. Со гасификацијата на државата ние веќе го решиме проблемот со еколошко гориво, но тие инвестиции најбрзо ќе се исплатат, преку инвестиции за негово максимално и ефикасно искористување.

Не треба да бараме виновник за сегашната состојба за загадувањето на воздухот? Министерството за екологија беше и е министерство за раскусурување на министерските места во коалицијата при формирањето на Владата. Тоа е веќе практика дваесет и повеќе години. Екологијата е мултидисциплинарна наука и таа бара далеку поголеми знаење од областа, отколку во другите научни области. Нашите досегашни влади за тоа министерство немаа разбирање за важната кадровска екипираност. Таму се вработуваат луѓе со секакви професии и не беше важно какви се резултатите од работењето на тоа министерство. Денес имаме еден потпретседател на Владата, а порано беше министер за екологија. Дали е тоа награда за постигнатите резултати како министер?

До денес министерот за екологија и не сме го слушнале, иако Министерството за екологија врие од проблеми. Заменик-министерот го врши и неговиот дел од работата, затоа и го гледаме како најекспониран насекаде, трудејќи се да се решаваат проблемите. Ете тоа е проблемот со екологијата, што таа проблематика е комплексна и не може секому да му се додели такво задолжение. Еколошките проблеми се долготрајни и бараат подолг ангажмани и добра професионална подготвеност.

Во Скопје и во другите градови каде што имаме загадувања, еден технолог или хемичар, преку концентрациите на гасовите што ги имаме на мерните места, би можело да го утврдат и причинителот на загадувањето и горивото што се користат. Но кај нас технолог или хемичар се „непризнаена“ професија, многу ретко има конкурс за овие професии. Затоа, тие факултети стагнираат, не се развиваат поради малиот интерес на институциите за вработување од тие професии, а со тоа има и мал интерес за студирање на нашите млади кадри.

проф. Стефан Поцев