Сегашните модерни режими на исхрана, кои се препорачуваат во јавноста, предизвикуваат и различни ефекти кај луѓето, предупредуваат експертите во Бугарија

Министерството за здравство на Бугарија подготвува измени на Законот за здравје, со кои на луѓето што го немаат потребното образование ќе им се забрани да предлагаат и да спроведуваат диети. Определувањето на режимот на исхрана на одредени категории пациенти во иднина ќе може да го прават само лекари.

Експертката за исхрана и диететика Ана Јорданова во емисија на БТВ предупреди на опасноста од диети што не се приспособени на потребите на поединци, а тие можат да предизвикаат последици и на здравствената состојба.

– Проблемот со нестручните диети може да биде сериозен. Неовластените лица немаат доволно познавања и обуки да го прават тоа. Еден специјалист како мене би ги направил потребните истражувања за да дефинира одреден режим на исхрана, за тој да биде безбеден – вели Јорданова.

Според нејзините досегашни согледувања во лекарската практика, принудното „гладување“ не е препорачливо за секого. Сегашните модерни режими на исхрана што се препорачуваат предизвикуваат и различни ефекти кај луѓето.

– Кај мене доаѓаат пациенти на 30-годишна возраст со многу сериозна тахикардија, зголемени хепатални ензими, со бубрежни проблеми и други симптоми што се последица на режимот на исхрана – објасни специјалистката за исхрана и диететика Ана Јорданова.

Во промените што се предлагаат во Законот за здравје се предвидува само дипломирани лекари да можат да се занимаваат со пропишување диетална исхрана. Мерките се однесуваат на деловната активност на нутриционистите, а со измените се цели да се спречи ризикот за здравјето на населението од нестручно определена диета.

– Лекарите со професионална обука можат да направат диети – изјави Веселка Дулева, националната координаторка за исхрана и диететика во Министерството за здравство.
Инструкторот за фитнес Ричард Величков смета дека луѓето без соодветни квалификации не треба да одредуваат програми за посебна исхрана.

– Луѓето треба да бидат многу внимателни со онлајн-инструкторите за диети, бидејќи немаат доволно стручни познавања – вели Величков.