Трамп ги повлече САД од договорот за иранската нуклеарна програма и со санкции сака да го врати Иран на преговарачка маса, но тоа нема да му успее

Американски предводената офанзива со санкции ќе му наштети на Иран, но нема да ја собори иранската влада дури и ако домашната економија се соочи со проблеми. Со зголемувањето на санкциите, САД се надеваат дека ќе го натераат Иран повторно да седне на преговарачката маса. Но ова нема да успее, затоа што Иран е познат по политичките расправии, па така за неговите партии приоритет ќе биде стабилност на режимот наместо нивните вообичаени политички игри. Покрај тоа, санкциите го интензивираа немирот кај народот што го зајакнува политичкиот капитал на конзервативците против администрацијата на умерениот претседател Хасан Рухани. Исто така, силниот разузнавачки и безбедносен апарат на Иран ќе има задача да ја продлабочи одбранбената стратегија кога ќе се соочи со засилениот притисок, прогнозира Стратфор.

Иран ќе стори сè што е во негова моќ за да им возврати со иста мера на агресорите и барем привремено да не испровоцира конвенционален воен одговор.
Техеран ќе падне во искушение да им возврати со иста мера на американските и на сојузничките флоти во Персискиот Залив, со што ќе тестира балистички ракети или повторно ќе почне со нуклеарните активности, но тоа ќе го стори само доколку е апсолутно потребно. Наместо тоа, Техеран ќе биде поподготвен да почне и со сајбер-војување, да спроведе тајни операции или да ги искористи клучните регионални сојузници на воените жаришта за да им одговори на САД, Израел и на државите од Заливот. Иран сака да избегне да испровоцира конвенционален воен напад против него, но со слабеењето на политичката поддршка од ЕУ во текот на годинава и замената на економските гаранции со политичка реторика, Техеран ќе биде поподготвен да преземе поостри одбранбени мерки.

Во спроведувањето на својата регионална стратегија, која опфаќа секакво ограничување на Иран, САД ќе се потпираат на две групи сојузници со слични цели. Првата група ги вклучува сојузниците што се најмногу загрижени од Иран и се подготвени да прифатат бескомпромисни антиирански политики, како што се Израел, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Овие држави брзо ги надминуваат годините поминати во недоверба и конфликти за подобро да се координираат против Техеран во сајбер-просторот, во наметнувањето санкции, па дури и на воен план. САД ќе се потпираат на своите сојузници во Персискиот Залив како помош во стратегијата на Вашингтон за ограничување на моќта на Иран.
Втората група сојузници, Кувајт, Оман и Катар, немаат толку слични интереси и не се толку подготвени да преземат поцврст став кон Иран. Овие држави можат да дадат стратегиска, дипломатска и економска помош за САД во одредени регионални конфликти и кризи. Подобрување на заедничките интереси меѓу нив би можело да го намали интензитетот на блокадата на Катар, но нема да запре конфликтот меѓу членовите од Советот за соработка во Заливот.

Во меѓувреме, Саудиска Арабија ќе мора да се справи со големите проблеми со престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман. По убиството на прогонетиот саудиски новинар Џамал Кашоги, однесувањето на престолонаследникот будно ќе се следи од очите на меѓународната јавност. Иако тој е добро заштитен во саудиската монархија, доминантната позиција на принцот сè уште зависи од поддршката од неговиот татко, кралот Салман, а ќе продолжи да расте тајната нетрпеливост во кралското семејство. Некои од клучните сојузници на Ријад ќе ги ограничат нивната воена поддршка и директните странски инвестиции за Саудиска Арабија, но главните врски нема да се променат. Скандалот со Кашоги ќе го прогонува кралското семејство и во текот на оваа година, оценува Стратфор.

Ријад ќе продолжи да ги спроведува своите цели од „Визијата 2030“ и во наредните месеци, со тоа што ќе ги олесни строгите мерки за штедење поради позитивните економски знаци, како што се повисоките цени за нафтата во 2018 година, шансата да се надомести за намалениот ирански извоз на нафта и релативно успешната стратегија за приходи надвор од нафтениот сектор. Ова значи дека кралството може да избегне да направи тешки структурни промени во саудиската економија, особено на пазарот на трудот. Незадоволството околу домувањето, платите и квалитетот на животот ќе ја натера државата да ги отвори полните куфери за да ги смири поплаките со пари.