Кина во моментот се мачи со зголемените цени на свинското месо и со протестите во Хонгконг, додека Трамп сака задоволни инвеститори и фармери во пресрет на претседателските избори во САД. Но додека Пекинг не одлучи да спроведува структурни економски реформи, а Вашингтон не реши да ја ублажи својата технолошка војна, секаков можен компромис ќе биде ограничен

Енди Си

Кина и САД преземаат чекори за ублажување на трговската војна и тоа ја зголемува надежта за напредок во разговорите закажани за наредниот месец. Иако може да се постигне договор за олеснување на некои од одмаздничките казнени мерки, целосно решавање на спорот е малку веројатно. Навистина, трговската војна веројатно ќе трае многу години. Дополнителната технолошка војна само ќе ескалира. Целосна воена трка можеби и не е толку далечна.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се повлекува до одреден степен, бидејќи берзата не може да апсорбира нови удари. Американците зависат од неа за да си обезбедат пензии. Ако берзата колабира, тоа ќе значи крај за Трамп. Веднаш по падот на берзата како резултат на неговата објава за зголемување на царините за пет отсто, тој призна дека се двоумел. Берзата го протолкува тоа како знак дека повеќе нема да има такви мерки. Трамп оттогаш направи повеќе помирувачки чекори, како што е одложување на некои царини од септември до декември.

Поттикот на Кина за помирување е повеќестран. Прв приоритет е националната прослава на 1 октомври да помине без никакви проблеми. Настаните и датумите ја движат кинеската политика. Тоа е прашање на имиџ. Второ, инфлацијата добива сѐ поголема политичка важност. Зголемувањето на цената на свинското месо е делумно предизвикано од понискиот увоз на сточна храна и свинско месо, така што зголемувањето на увозот може да ја олесни многу важната инфлација на храна. Трето, лошото расположение на пазарите на недвижнини, делумно поради трговската војна, ги загрозува државните финансии и технолошки амбиции. Локалните власти сѐ потешко собираат даноци, дури и во богатите градови на делтите на реката Јангцекјанг и на Бисерната Река. Бидејќи повеќето градови зависат од секторот на недвижнини, од каде што доаѓа половина од нивните приходи, лошото долготрајно чувство може да предизвика хаос во финансиите на локалните власти.

Дури и монолитниот политички систем на Кина е ранлив на општото нерасположение. Ова е последица на финансирањето на кинеската економија од 2008 година. Кога долгот изнесува 300 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), просторот за маневрирање е ограничен.

Иако берзата е мала во однос на банкарскиот систем или пазарот на хартии од вредност за акумулирање капитал, таа игра важна улога за технолошките компании. Кинеската влада сака технолошки меури. Повеќето идеи нема да успеат, но некои може да се пробијат и тоа е позитивно за технолошките амбиции на земјата.

Неодамна отворената берза на научнотехнолошки иновации „Стар“ во рамките на берзата во Шангај е последниот обид Кина да добие свој „Насдак“. По бурниот почеток, берзата полека стивнува. Ако трговската војна продолжи да ескалира, Кина може да се заборави на обидот за создаде технолошки меури дома. Кинеската влада се потпира на технолошките меури за да ги стигне САД во технолошкиот сектор, а за тоа се потребни добри вибрации.

Стравот од несакани последици се чини дека расте во Кина. Двојно зголемената цена на свинското месо е една работа, но таа може да има огромни социјални последици. Ситуацијата во Хонгконг е јасен потсетник дека никогаш не се знае што може да се случи во иднина. Кога тешко може да се утврди реалното јавно мислење, секој негативен развој може да предизвика социјална криза. Овој страв од непознатото, најверојатно, ќе ја натера Кина да направи компромис во наредните месеци. Кога обете страни имаат силни мотиви за компромис, наскоро треба да дојде до успех. Но, за жал, прозорецот на можности се затвори и трговската војна се претвори во судир на општества.

Прво, Кина нема да направи структурни промени за да ги задоволи САД, кои бараа такви реформи уште во мај. Комунистичката партија ја зголемува својата улога во контролата и надзорот на економијата. Подложувањето на голем дел од економијата на надворешен надзор би значело пораз за политичките промени направени во изминатите години. Кина може да купи земјоделски или енергетски производи, што е предмет на одобрување од Владата и е во согласност со сегашниот политички систем. САД првично сметаа дека тоа не е доволно, па затоа би било голема отстапка ако сега го прифатат.

Од американска страна, технолошката војна се појави како поважна алатка за ограничување на Кина. Но работите излегуваат од контрола, и тоа за Трамп. Сенатот може лесно да го блокира секој обид на администрацијата на Трамп да направи компромис во однос на забраната за трансфер на технологија, чие укинување е многу поважно за Кина од какво било намалување на царините.

Јуанот е намален за 15 отсто за да се спротивстави на голем дел од влијанието на царините. Секој трговски договор без вклучување на технолошкиот сектор не е вреден за Пекинг. Бидејќи Кина не може да се посвети на структурни реформи и САД не можат да се посветат на ограничување на нивната технолошка војна, секој компромис би бил ограничен. Еден можен исход е Кина да купува американски земјоделски производи во замена за откажување или одложување на царините наметнати од мај, кога стапките се зголемија од десет на 25 отсто за кинески стоки во вредност од 200 милијарди долари, по што беа воведени нови царини од десет отсто за дополнителни стоки од 300 милијарди долари, а сето тоа потоа беше проследено со уште едно зголемување за пет отсто.

Трамп веќе се согласи на двонеделно одложување ако Кина за возврат купи американски земјоделски производи. Таа формула може да се повтори или да се засили. Овој вид компромис може да го заживее позитивното чувство на берзата и да ги одржи меурите во живот. Можеби тоа засега е добро за двете страни. Но ако Трамп биде реизбран во ноември 2020 година, тој може да ја спроведе својата одмазда. Трамп е „веродостоен“ лудак, кој се заканува дека ќе го стори тоа и на крајот може и да го стори, ако нема што да изгуби.

Тоа, пак, го отвора прашањето дали е мудро за Пекинг да помогне во јакнење на шансите за реизбор на Трамп. Ако Кина купи доволно земјоделски производи, Трамп може да победи во среднозападните сојузни држави и со тоа да обезбеди уште еден претседателски мандат. Но можеби Пекинг во моментот има премногу грижи за да размислува толку далеку во иднината.

Авторот е независен економист