Новинарот Аркадиј Бабченко изминатите години беше остар критичар на политиката на Кремљ за конфликтот во Украина, анексијата на Крим и на руските акции во Сирија

Украинските власти ја обвинија Русија дека стои зад убиството на рускиот новинар Аркадиј Бабченко во Киев. Бабченко (41) беше остар критичар на Кремљ, претседателот Владимир Путин и на руските акции во Украина, Крим и во Сирија. Новинарот беше застрелан со повеќе куршуми во непосредната близина на својот дом во Киев, каде што изминатиот период живееше откако поради закани по животот ја напушти Русија. Руското МНР, од друга страна, ги повика украинските власти да го истражат убиството на рускиот новинар. Истовремено, Кремљ ги обвини властите во Киев за сѐ почестите убиства на новинари и руски државјани, пренесуваат светските агенции.

– Убеден сум дека тоталитарниот режим во Русија не му ги прости искреноста и принципиелниот став. Беше искрен пријател на Украина, кој на светот му ја кажа вистината за руската агресија во Украина – порача украинскиот премиер Владимир Гројсман.
Украинската полиција соопшти дека Бабченко во вторникот вечерта бил застрелан со повеќе куршуми од зад грб и тоа пред влезот од зградата во која живеел. Тој бил пронајден од неговата сопруга, а починал во возило на брза помош на пат кон болница. Според украинското обвинителство, Бабченко излегол да купи леб, а убиецот го чекал кај неговата зграда. Шефот на киевската полиција, Андреј Кришченко, изјави дека полицијата смета дека професионалните активности на Бабченко се најверојатниот мотив за неговата ликвидација.

– Професионалните активности се прв и најочигледен мотив. Сѐ уште е рано да се зборува за која било верзија – порача Кришченко.
Би-би-си наведува дека 41-годишниот Бабченко ја водел програмата „Приме.Бабченко“ на телевизијата АТР. Тој работел како дописник за „Московски комсомолец“, „Нова газета“, потоа соработувал со првиот канал на руската телевизија, а известувал и за конфликтот помеѓу Грузија и Јужна Осетија. Интересно е тоа што, како што наведува британски „Индепендент“, Бабченко завршил правен факултет, а во два наврата се борел и во Чеченија, каде што и ја почнал пишувачката кариера.
Новинарот беше остар критичар на Кремљ, а во своите текстови изминатите години ја критикуваше и одлуката за припојување на Крим кон Русија, поддршката на Москва за проруските сили во Украина и за руските акции во Сирија. Тој на својот профил на Фејсбук ја опишуваше Русија како „агресор“, а неговите текстови наидоа на осуда од голем број руски сограѓани. Но големиот гнев на Русите, кој резултира и со смртни закани, Бабченко го навлече кога во еден од текстовите напиша дека не му е жал за членовите на рускиот воен хор и другите претставници што загинаа кога во декември 2016 година авионот „тупољев ту-154“ се урна во Црно Море, на летот од Сочи кон Сирија. По ова, имаше повици за одземање на неговото руско државјанство, а новинарот беше изложен и на смртни закани. Токму поради заканите, Бабченко во февруари 2017 година ја напушти Русија, за потоа да живее во Чешка, Израел и во Украина.

Со реакција се огласи и официјален Кремљ, од каде што побараа темелна истрага за убиството на рускиот државјанин. Руското МНР упати остри критики до властите во Киев, наведувајќи дека нивото на физичко насилство и убиствата на новинарите во Украина непрекинато расте, а истрагите не доведуваат до казнување на сторителите.
– Крвавите злосторства и целосната неказнивост станаа рутина за режимот во Киев – се наведува во соопштението на руското МНР.
Истовремено, Рускиот истражен комитет почна кривична постапка во врска со убиството на Бабченко.
– Неколку руски државјани се убиени во Украина во изминатите години. Рускиот истражен комитет нема да ги игнорира бруталните злосторства против руските државјани – порача Светлана Петренко, портпаролката на комитетот.