Освен ако НАТО не е целосно подготвено воено да ја спречи заканата, директните последици од руски напад на Црна Гора би биле дефинитивен крај на најмоќниот воен сојуз во светската историја

Џефри Стејси

Русија постојано го надитруваше Западот во изминатите неколку години и успешно играше послаб противник со неверојатна вештина. Москва одлично ги усоврши своите вештини во информациската и хибридната војна потпирајќи се на методите како што се дипломатијата на вршење притисок, лажните вести и мешањето во странските изборни процеси. Патем, таа насилно присвои делови од Грузија и од Украина и наедно неколкупати геополитички ги понижи САД и Британија.

Русија не е толку моќна колку што беше во советската ера, но благодарение на стратегиското размислување на претседателот Владимир Путин, сега постојано има поголемо влијание врз светските случувања. Русија е далеку поефикасна од Кина во казнувањето на Западот кога таа ќе посака додека постојано бара и наоѓа начини како да го поткопа неговото влијание.

Најзагрижувачко за Западот е што смртоносниот удар може да се случи на Балканот, кој одамна е сцената на која Русија се натпреварува со него. Никој не знае што се договорија Путин и американскиот претседател Доналд Трамп на нивниот двочасовен приватен состанок во Хелсинки. Трамп можеби му даде на Путин листа со клучните трки за конгресни места во кои му е потребно Русија да се вмеша. Но најверојатно тие зборуваа за НАТО, Крим и Украина и дека Путин го доби тоа што го сакаше од Трамп.
Всушност, се чини дека Трамп игра според руското сценарио, кое може да го распадне НАТО, со тоа што ќе се сврти против најновата членка. Претседателот по состанокот со Путин за Фокс њуз пред водителот и наедно негов поддржувач, Такер Карлсон, изјави дека „Црна Гора е мала држава со многу силен и агресивен народ. Тие можеле лесно да станат агресивни и како резултат на тоа да избувне трета светска војна“.

Оружен руски напад на Црна Гора, кој ќе вклучува хибридно и традиционално војување, би му дал можност на Трамп да го одржи ветувањето што го даде на Фокс њуз и да им порача на сојузниците на НАТО дека Вашингтон нема да го испочитува членот 5 од договорот на НАТО и нема да ѝ се приклучи на сојузничката помош за Црна Гора.

Без американското мешање во операцијата на силите за брза реакција на НАТО, поточно мултинационалната сила за напад со висок степен на подготвеност, Европа најверојатно ќе се повлече и нема да одговори на изненадувачкиот напад. Рускиот напад нема да се случи со копнено распоредени сили, кои ќе треба да поминат низ повеќе држави што се западно ориентирани. Наместо тоа, нападот најверојатно ќе се случи од море или од воздух.

Таквото сценарио би му нанело смртоносна штета на НАТО и би создало трајни поделби во Алијансата. Русија веќе се обиде да направи државен удар во Црна Гора за првенствено да ја спречи да влезе во НАТО, а неодамна развојот на настаните во Македонија го натераа руското ФСБ, поранешно КГБ, да испрати разузнавачки агенти за да се обидат да предизвикаат немири таму, како и во Грција, каде што двајца дипломати беа протерани затоа што предизвикале противење на грчкиот договор со Македонија за промена на нејзиното име и со кој треба да му се стави крај на долгогодишниот спор.

Иако Русија никогаш директно нема да ги нападне американските или западните сили, додека на пример неколку стотици руски платенички војници беа неодамна убиени од страна на американски сили во Русија, таа всушност и не мора да го стори тоа. Русија може смртно да го рани НАТО без директно да ги искористи своите сили. Не само што ФСБ и ГРУ, руските воено-разузнавачки единици, сè повеќе целат кон Балканот, туку Русија исто така испрати голем дел од своите најефикасни воени сили по должината на западната граница.

Црна Гора е најновата членка на НАТО и според повеќе параметри, најслаба. Откако доби независност од Србија во 2006 година, нејзиното малобројно население од околу 630.000 жители располага со војска од околу 2.000 припадници. Таа е мала и мирна држава и една од оние држави од поранешна Југославија, кои не беа зафатени од насилен конфликт по распадот на Југославија.

Сепак, дури и пред да добие независност и пред да стане членка на НАТО, Црна Гора беше и продолжува да биде дел од силите на НАТО во Авганистан, со тоа што има значителен удел по жител. Всушност, по барање од Вашингтон, Црна Гора го зголеми своето присуство во Авганистан во 2017 година. Но Русија врши притисок врз Црна Гора во изминатава деценија.

Трамп смета дека државата не вреди да се одбрани. Путин веќе еднаш се обиде да ја дестабилизира, а Западот не може да дозволи повторно да се случи тоа

Во 2017 година, откако црногорскиот парламент го поддржа влезот во НАТО, ру ското министерство за надворешни работи соопшти дека Владата „го игнорирала гласот на разумот и совеста“ и дека Русија го има „правото да преземе чекори за да ги одбрани своите интереси и националната безбедност“. Русија за кратко време го забрани увозот на сите црногорски вина и издаде предупредувања за Русите што патуваат таму, додека портпаролот на Путин се закани за понатамошни „возвратни мерки“.

Црна Гора смета дека Русија е одговорна за обидот да изврши државен удар против актуелниот претседател Мило Ѓукановиќ (кога сè уште беше премиер), на денот на изборите во октомври 2016 година и притоа обвини 14 лица, Руси и Срби, вклучувајќи и двајца членови на ГРУ, дека планирале напад на државни објекти и да го ликвидираат Ѓукановиќ. Соодветно на тоа, токму актуелниот црногорски премиер Душко Марковиќ, беше оној што Трамп буквално го истурка на неговата прва посета на Генералштабот на НАТО во Брисел.

Црна Гора веќе му се приклучи на Советот на Европа, како и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). ЕУ исто така сериозно размислува да ја покани да стане полноправна членка поради што, покрај новостекнатото членство во НАТО, Русија е многу загрижена. Москва не сака уште една прозападна држава во географска зона, која ја смета за „блиско странство“.

Со оглед на минатото, се чини дека руското влијание во регионот датира од периодот по Косовската војна во 1999 година кога, откако српскиот претседател Слободан Милошевиќ капитулираше пред НАТО, се јави изненадувачка трка меѓу руските сили и оние на Алијансата за окупација на аеродромот во предградието на Приштина во Косово. Русија го освои аеродромот, а директната конфронтација беше тесно избегната откако интервенираа високи британски и американски претставници.

Покрај тоа што Русија не го сака проширувањето на НАТО, следната голема пресвртница се случи во 2008 година кога таа ја нападна Грузија, која беше во процес на преговори за влез во НАТО. Високи американски претставници, вклучувајќи го и поранешниот советник за национална безбедност Стивен Хедли, јавно признаа дека беше грешка што не се реагираше на таквиот напад со конкретни чекори. Русија и денес сè уште контролира дел од Грузија.

Ова беше пресвртница со која му се овозможи на Кремљ да заклучи дека може да ги предизвика западните интереси со минимален одговор, сè додека не го нападне директно Западот. Руската анексија на Крим и окупацијата на источна Украина се случија како одговор на украинската револуција во 2014 година и на поканата на ЕУ за државата да стане нејзина членка. Оттогаш Русија учествуваше во стотици провокации на силите на НАТО, кои тесно беа избегнати во воздух и на море.
Исто така се чини дека Москва успешно интервенираше во референдумот за брегзит и во американските претседателски избори од 2016 година, а неодамна отру руски шпион на британска територија. Откако постигна ваков степен на штета на Западот, можно е Русија сега да почне погрешно да ја преиспитува толеранцијата на сојузниците на НАТО и да се прецени.

Причината поради која Хелсиншкиот самит претставува целосна криза по националната безбедност е што Русите најавија дека ќе продолжат со спроведувањето на договорот од состанокот додека врвните американски претставници и воени команданти остануваат целосно во сенка. Сигнали од руска страна укажуваат дека се дискутирало за можен нов референдум во источна Украина, посета на Путин во Вашингтон и раселување на сириските бегалци.

Вистинското прашање е дали Трамп дејствува според неговите каприци за да им наштети на американските национални безбедносни интереси или конците всушност се влечат од Москва. За време на кампањата од 2016 година, Трамп во неколку наврати веќе зборуваше за тоа колку НАТО го искористува американскиот народ, а особено ги именуваше балтичките држави што ги подгреа сомнежите околу тоа дали тој ќе го испочитува членот 5 како претседател. Сега тој ја издвојува Црна Гора.

Во најмала рака, коментарите на Трамп за Црна Гора служат за да ја ослабат Алијансата притоа давајќи ѝ на Русија поголема слобода да ја дестабилизира најновата членка на НАТО и да ги зголеми ризиците од обновување на конфликтот на Балканот. Во најлош случај, овие изјави ги одразуваат личните ставови на Путин, што поттикнува сериозна загриженост дека двајцата претседатели постигнале некаков вид разбирање околу Црна Гора зад затворени врати. Освен ако НАТО не е целосно подготвено воено да ја спречи заканата, директните последици од руски напад на Црна Гора би биле дефинитивен крај на најмоќниот воен сојуз во светската историја.