Одлуката на Грција да исфрли двајца руски дипломати поради мешање во внатрешните работи сѐ уште предизвикува реакции од Русија. Москва ја обвинува Атина за „валкани провокации“.
Русија продолжи со критиките на сметка на Атина поради исфрлањето на двајца нејзини дипломати, обвинувајќи ја грчката влада дека учествува во „валкани провокации“ поради планот на Македонија да стане членка на НАТО, пишува „Дојче веле“.

Грција ги исфрли руските дипломати откако беше откриено дека помагале во финансирање на протестите против договорот со кој му беше ставен крај на деценискиот спор за името меѓу Атина и Скопје.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Грција дејствувала под притисок на своите воени сојузници.
– Јасно ни е дека врз Грција бил вршен притисок од највисоко ниво – изјави Захарова.
Таа го нарече протерувањето „сурово и неоправдано“ и се закани дека тоа „нема да мине без последици“. Од протерувањето на руските дипломати на 11 јули, грчките власти инсистираат дека сакаат да ги одржат традиционално добрите односи со Русија. Но изјавите на Захарова предизвикаа жесток одговор од грчкото МНР.

– Постојаното непочитување кон Грција мора да престане. Никој не може ниту има право да се меша во грчките внатрешни работи. Руските власти многу добро знаат што прават нивните луѓе. Доказите врз основа на кои дејствуваше Грција навреме им беа презентирани на руските власти – соопшти Министерството.
Како што пишува „Дојче веле“, левичарската влада во Грција подолго време се залага за подобрување на односите меѓу Западот и Русија. Грција не се приклучи на исфрлањето руски дипломати како повеќето нејзини сојузници од НАТО по труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија.