Економијата на големите нафтени договори порано имаше смисла. Но кога енергетските компании се оружјето на државата, тогаш економиите не се единствениот фактор

На 4 мај пропадна планираната инвестиција на кинеската компанија „ЦЕФЦ Чајна енерџи“ во рускиот нафтен гигант „Роснефт“, по осум месеци откако прв пат беше најавен. Неуспехот на финализираниот договор ги открива строгите ограничувања на потенцијалната енергетска соработка меѓу Кина, која е во процес да го преземе сопствеништвото врз ЦЕФЦ, и Русија и заедно со поширока политичка алијанса меѓу двете држави.
Пекинг повеќе го гледа „Роснефт“ како алатка на руската држава отколку како типична нафтена компанија, а со тоа што двете држави немаат исти политички приоритети, Кина не е многу заинтересирана за некаква значајна економска врска. Иако Кина активно бара нови политички и економски партнери во светот, сепак одлучи дека руската влада е премногу ризична за политичка инвестиција.
„Роснефт“ не се труди многу да ги скрие политичките мотивации и статусот на голем домашен политички играч во ерата на Владимир Путин. Кога „Јукос“, некогашната најголема руска нафтена компанија беше преземена во 2004 година откако олигархот Михаил Ходоровски скандалозно ја загуби позицијата, неговиот капитал на крајот беше префрлен во „Роснефт“. Потоа „Роснефт“ контролираше 16 отсто од домашното производство на нафта. Денес, фирмата тврди дека произведува 40 отсто од руската нафта.

Откако Игор Сечин беше назначен за нејзин извршен директор во мај 2012 година, „Роснефт“ брзо стана инструмент на надворешната политика. Сечин претходно беше надлежен за енергетската политика како вицепремиер на Русија и тој ги најави неговите идни планови за „Роснефт“ во преговорите со „Бритиш петролеум“ за соработка со Русија. Во рок од една година откако беше именуван за извршен директор на „Роснефт“, Сечин го надгледуваше процесот на „Бритиш петролеум“ за купување на руските операции, со тоа што Британците сега имаат удел од 19,75 отсто во „Роснефт“. Сечин беше добро пречекан во Лондон, а многумина во Москва гледаа на договорот како на начин да се здружат руските и западните интереси.
Само една година подоцна, Сечин се најде на листата на западни санкции затоа што односите меѓу Русија и Западот се влошија поради тоа што Москва го анектираше Крим и ја нападна Украина. Истата геополитичка промена ја приближи Русија до Кина. Претседателот Владимир Путин беше во голема посета на Кина во мај 2014 година, кога наводно се согласил на скапите кинески барања и склучил 30-годишен договор за извоз на гас.

Промената во геополитиката на Русија се совпадна со почетокот на иницијативата „Еден појас, еден пат“ на кинескиот претседател Си Џинпинг за инвестирање и развивање на трговијата со десетици држави преку користење на кинеската економска моќ за зголемување на нејзиното влијание и продлабочување на политичките врски. „Роснефт“, кој се согласи да ги удвои испораките до Кина во еден од најголемите нафтени договори склучени на пазарот, беше подготвен да ја искористи шансата. Во меѓувреме, малку познатата компанија ЦЕФЦ почна да се наметнува на светските пазари откако почна да ги препознава сигналите од Пекинг.

Последователните настани покажаа дека ЦЕФЦ ги следела чекорите на иницијативата „Еден појас, еден пат“ за инвестирање на локации кои се стратегиски значајни за кинеската држава. Првите крупни странски напори на ЦЕФЦ преку директни инвестиции забележаа успех во Чешка. Основачот на компанијата, Је Џјанминг, дури и беше именуван за советник на чешкиот претседател Милош Земан кој во 2015 година активно бараше да се подобрат односите со Пекинг. Је всушност одеше по стапките на „Роснефт“. Кинеското државно претпријатие ЦИТИЦ тогаш се согласи да го откупи чешкиот капитал на ЦЕФЦ, иако тие сега се далеку од нивната примарна дејност.
ЦЕФЦ исто така ги спроведуваше целите во надворешната политика на Пекинг преку друг значаен договор, кога во мај 2016 година се согласи да купи 51 отсто од акциите на „КМГ Интернешенел“, подружница на казахстанскиот енергетски државен гигант „Казмунајгас“. Договорот важеше за клучен за Казахстан, каде што Си ја започна иницијативата „Еден појас, еден пат“ и каде што владата се бореше со забавување на економијата. Наводно ЦИТИЦ исто така размислува да земе удел во крајбрежните нафтени концесии на Абу Даби, во кои државната кинеска национална нафтена корпорација веќе инвестираше.

Сето ова го покренува прашањето зошто инвестицијата во „Роснефт“, иако јавно е во духот на иницијативата „Еден појас, еден пат“, се дозволи сега да пропадне. Кога договорот вреден 9,1 милијарда долари беше најавен лани во септември, се увиде дека е нова кулминација во развиеното руско-кинеско енергетско партнерство. Откако на крајот на февруари Је беше уапсен и по шпекулациите за пропаѓањето на компанијата, поголем дел од вниманието на ЦЕФЦ беше насочено на големите долгови на компанијата. Долговите на ЦЕФЦ можеби се големи, но државната руска банка ВТБ понуди поголем дел од финансиските средства за финализирањето на договорот, иако Пекинг можеше тоа првично да го стори.

Исто така, јасно е дека Пекинг сака да ги продлабочи нафтените врски со Москва, па така во 2016 година Русија ја замени Саудиска Арабија како главен нафтен снабдувач на Кина со тоа што најголемиот удел го доби „Роснефт“. Неколку дена по раскинувањето на договорот беше пренесено дека поединечни петгодишни договори за испорака меѓу „Роснефт“ и ЦЕФЦ, склучени лани во ноември, претрпеле измени, но ќе важат и понатаму. Сепак, директната инвестиција на ЦЕФЦ во „Роснефт“ се покажа како преголем залак.

Геополитичките интриги на „Роснефт“ се причината за пропаѓањето на договорот со ЦЕФЦ. Сечин дозволи да се зголеми долгот на „Роснефт“ додека сакаше да ја намали штетата од американските санкции, со тоа што ја продолжи неговата мисија во која на прво место е можната геополитичка предност пред финансискиот ризик. Иако се чини дека Пекинг го губи интересот за понатамошно финансирање на венецуелскиот режим, „Роснефт“ од друга страна двојно ги зголеми своите напори. Лани во септември, „Роснефт“ се согласи на мултимилијардерски заеми во долари за ирачки Курдистан, на помалку од еден месец пред референдумот за независност. Од друга страна, Кина отворено избегнуваше да се вмеша во внатрешните проблеми на Ирак. Потоа, „Роснефт“ за кратко време го презеде индискиот „Есар оил“, што беше финализирано лани во јуни, здружувајќи се со нафтениот гигант од Њу Делхи. Ова на крајот може да резултира со геополитичка предност за Москва, а уделот на ЦЕФЦ најверојатно нема да биде доволен за да се влијае врз руските одлуки во однос на еден од најголемите ривали на Пекинг.

Цената на геополитичките интриги на „Роснефт“ честопати беше резултат на неговите партнери. Неговите акционери не успеаја да остварат добивка во споредба со другите нафтени фирми, дури и оние што беа во Русија за време на стабилизирањето на цената на нафтата. Минатиот месец, извршниот директор на „Бритиш петролеум“, Боб Дадли, се шегуваше дека својата помлада верзија би ја посоветувал да ја избегне Русија, иако неговата фирма има големи инвестиции во „Роснефт“. Пекинг како сериозно да го сфати предупредувањето.
Девет години откако Игор Сечин ја започна првата билатерална комисија за руско-кинеска енергетска соработка, неговите интриги ги покажаа ограничувањата во таквата соработка. Иако Кина и Русија сега ја опишуваат нивната врска како „стратегиски партнери“, сепак пропаѓањето на договорот со ЦЕФЦ покажува дека се далеку од вистински сојузници.