Денеска од 13 до 15 часот, љубителите на книжевноста во книжарницата „Или-или“ ќе бидат во можност да се дружат со авторката Румена Бужаровска, која ќе ги потпишува нејзините книги. Месецов во МКЦ во Скопје се одржа промоцијата на нејзината нова збирка раскази „Не одам никаде“, која за кратко време наиде на голем интерес кај читателите и веќе се подготвува и второтo издание, чии први примероци најверојатно Бужаровска ќе ги потпише веќе во текот на утрешниот ден. Во исто време се појави и петтото издание на нејзината книга „Мојот маж“, збирка раскази што во изминатите две години се преведена речиси на сите балкански, но и на неколку европски јазици.

Затоа, ова ќе биде одлична можност за љубителите на домашната книжевност да се подружат со една од нашите најуспешни авторки од новата генерација македонски писатели, како предновогодишен подарок за читателите на изданијата на „Или-или“.

„Не одам никаде“ е своевидно продолжување и надградување на веќе препознатливиот содржински и стилски раскажувачки манир на оваа современа македонска писателка.