Прилепскиот историчар и кустос Рубинчо Белчески е прогласен за музејски работник на годината во Македонија. Одлуката ја донесоа претставници на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите. Наградата Белчески ја доби за неговиот труд во реализацијата на изложбата „Ченто биографија низ фотографија“ во Прилепскиот завод и музеј, но и за неговиот целокупен општествен ангажман како историчар.

Рубин Белчески зад себе има долгогодишно работно искуство и реализирани многубројни проекти. Сака да истражува, да открива нови сознанија во јавноста, а често соработувал и со „Нова Македонија“, откривајќи многу непознати факти за значајни настани и датуми. Оваа награда, како што вели, е признание за неговиот вложен труд и посветеноста на професијата.
– Големо е задоволството е да се добие оваа престижна награда, бидејќи доаѓа од еснафот, од моите колеги, од луѓето што ја познаваат музејската работа – истакна Белчески.

Тој нагласи дека кустосот не треба да биде само во организацијата, туку и да излезе од музејот надвор, да соработува со институции и медиуми.
Во изминатиот период Белчески реализира повеќе проекти и истакна дека кога правел рекапитулација на она што го сработил сфатил дека бил доста ангажиран.
– Сум учествувал во многу проекти, објавив многубројни написи по весници, на портали, како и трудови во стручни списанија. Потсетував и на јубилејни настани, можеби 20. Некој ќе рече не живееме од историјата, но јас имам една изрека што гласи „историјата не ја учиме само да го знаеме минатото, туку да знаеме како да се однесуваме во иднината“. Си ја сакам професијата, едноставно вљубен сум во неа. Постојано нешто проучувам и изнесувам во јавноста. Секогаш има простор да се дојде до одредени податоци. Истражувачот има методи како да дојде до податок што треба да го сподели со јавноста – додава Белчески, чија изложбата за Ченто е реализирана по повод 115 години од неговото раѓање и 60 години од смртта.

Овој проект тој го продолжува со реализацијата на фотомонографијата „Ченто – биографија низ фотографија“, што е при крај. На овој начин Белчески целосно ќе го заокружи проектот за оваа важна македонска историска личност, која многу направи за самостојноста и независноста на Македонија.
Но, тој ќе продолжи и со други проекти, бидејќи Прилеп за него е инспирација и непресушен извод за истражување. Еден од следните е „Турските печати – мурови“, кои треба да се дешифрираат, а се 20 на број, преку кои ќе се добијат нови податоци за градот Прилеп.