Иако е многу малку застапена во исхраната, ротквичката е еден од оние зеленчуци што на вашето здравје му даваат неверојатна поддршка. Ова пролетно растение со розикавоцрвена боја нуди огромни здравствени придобивки. Освен што помага во чистењето на џигерот и цревата, одлична е за детоксификација на телото, ја чисти крвта, а е одлична за луѓе што патат од хипертиреодизам. Кај нас најчесто се продава во пролетниот период.
Свежото консумирање на ротквичката е одлично, особено затоа што ќе ги добиете сите богатства што таа ги крие во себе. Можете да ја користите како салата во комбинација со марула, млад кромид, малку маслиново масло и исцеден лимон. Оваа комбинација од намирници е одлична витаминска бомба за вашиот организам во пролетните месеци.

Здравствените придобивки

1. Помага во контролирање и намалување на штетата на црвените крвни зрнца, таа го зголемува количеството на кислород во крвта.

2. Богата е со растителни влакна. Доколку ја консумирате како салата на дневна основа, ќе го задоволите потребното ниво на растителни влакна. Со тоа дигестивниот систем ќе работи беспрекорно. Исто така го чува џигерот, а и одлична е за хидратација на организмот.

3. Ротквичката го чува срцето. Богата е со антоцијани, кои ги чуваат срцето и неговото работење. Секојдневното консумирање го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести. Таа е богата и со витамин Ц, фолна киселина и со флавоноиди.

4. Успешно помага во регулирањето на крвниот притисок. Количеството калиум со кое е богата, помага во намалувањето на високиот крвен притисок, особено доколку патите од хипертензија. Според верувањата, роктвичката има оладувачки ефект на крвта.

5. Го подобрува имунитетот. Поради тоа што е богата со витамин Ц, ротквичката ве штити од настинки, грип, но и го подобрува целокупниот имун систем на организмот.

6. Ги зацврстува крвните садови. Ротквичката игра огромна улога во создавањето колаген што, пак, помага во зацврстување на ѕидовите на крвните садови. Со самото тоа таа помага во намалувањето на шансите да добиете артериосклероза.

7. Пријател му е на метаболизмот. Ротквичката е коренесто растение што не е добро само за дигестивниот систем, туку и за гастритични проблеми, киселина во желудникот, нагони за повраќање како и во одржување на телесната тежина.

8. Нутритивно е богата. На организмот му нуди витамин Е, А, Ц, Б6 и К. Полна е со антиоксиданти, растителни влакна, железо, цинк, фосфор, магнезиум, калциум и манган. Сите овие витамини му се потребни на организмот за совршено функционирање.

9. Одлична е за кожата. Ротквичката, доколку ја консумирате како кашест сок наутро, ќе ѝ помогне на вашата кожа да го одржи здравиот изглед. Сето тоа е благодарение на витаминот Ц, цинкот и фосфорот. Таа ги држи подалеку сувоста на кожата, акните и црвенилото од кожата. Може да ја користите за чистење на лицето, да направите маска за коса, бидејќи ќе ви помогне во борбата со првутот, ќе превенира косопад, но и ќе го зацврсти коренот на косата.

10. Хидратацијата на телото е доста значајна. Во тоа ќе ви помогне ротквичката. Нејзино консумирање во пролетните и во летните месеци ќе ве одржи хидрирани и ќе спречи прекумерно губење течности.
Сепак, иако е исклучително здрава и богата со витамини, ротквичката не им се препорачува на лицата што имаат воспаление на желудникот и на цревата, односно на оние што патат од гастрит и колит. Исто така, лицата со чир на желудникот треба да ја избегнуваат, како и лицата со бубрежни заболувања.


Нутритивна вредност

Стотина грама
ротквичка содржи:
95,27 грама вода;
0,68 грама протеини;
16 калории енергија;
0,1 грам масти;
3,4 грам јаглехидрати;
1,6 грам растителни влакна;
1,86 грам шеќер;
25 милиграми калциум;
0,34 милиграми железо;
10 милиграми магнезиум;
20 милиграми фосфор;
233 милиграми калиум;
39 милиграми натриум.