Во реваншот во Рим, под притисок, без висок посед на топката, играта на Барса се распадна. Меси беше маркиран цело време, а Суарез неефективен

Барселона доживеа вистински нокаут на реваншот во Рим, загуби од Рома со 0-3 (во првиот меч беше 4-1) што значеше и крај на надежите за освојување тројна круна сезонава (шпанско првенство и куп). Барса го доби тоа што го заслужи, согласни се шпанските медиуми по елиминацијата, трета година едноподруго во оваа фаза. На Барса ѝ случи истото она што тие лани во осминафиналето му го приредија на ПСЖ, кога поразот од 0-4 во првиот меч во Париз, во реваншот Камп го претворија во незаборавна победа со 6-1. Но Рома одигра одличен меч, беше подобра од Барса и триумфот не е случаен.

Сезонава во групната фаза Рома беше прва, пред Челси и пред Атлетико, и ги доби сите натпревари, а дома е без примен гол на петте меча. Едно од клучните прашања е како ѝ се случи таква хаварија на Барселона. Повеќето стручњаци се согласни дека никој не очекуваше такво нешто, не на мечот против Рома, но и дека кога-тогаш ова беше неизбежно. Надолната линија почна со заминувањето на Нејмар лани, можеби и порано. Отсуството на Нејмар и промената во начинот на игра (подефанзивна и поконзервативна) што ја турка Ернесто Валверде сезонава беше покриена со одличните резултати (не и игри) во Ла лига, како и во ЛШ, сѐ до мечот во Рим. Бројките велат дека сезонава драстично е намален поседот на топката, 60,8 отсто, најмал последниве 10 години што се должи на подефанзивните задолженија на играчите на средината на теренот што, пак, резултира со само 16 примени гола на 31 првенствен меч.

Идејата на Валведре е тимот да биде компактен во дефанзива, а во нападот работите да им се остават да ги решаваат индивидуалците, како Лионел Меси, Луис Суарез или Андрес Иниеста, кој како асистент е далеку под своите стандарди. Истото важи и за Иван Ракитиќ, кој мораше да ги занемари офанзивните задачи. Во реваншот во Рим, под притисок, без висок посед на топката, играта на Барса се распадна. Меси беше маркиран цело време, а Суарез неефективен. Со Луис Енрике на клупата, Барса се базираше на Меси, Суарез и на Нејмар. По заминувањето на Нејмар тоа трио стана дуо, но очекувањата останаа исти. Промените во вид на преценети светски играчи на средината на теренот како Осман Дембеле, Андре Гомеш или Паулињо, се покажаа како промашување. Како ќе се справат со овој шок Барса и Валверде и дали е ова почеток на крајот на ерата наречена Лионел Меси останува да се види.