Глобалната дигитална едиција „Киндл букс“ на англиски јазик деновиве е збогатена со 12 романи на македонскиот писател Божин Павловски. Тоа се дела што освоиле високи меѓународни и домашни признанија: „Градинар, Пустина“, „Рогот на љубовта“, „Сенка во името“, „Зима во лето“, „Америка, Америка“, „Убавицата и Мародерот“, „Египетска сонувалка“ и др. Дигиталната верзија на романите, проследенa со извадоци од светската критика, овозможува глобална читачка публика и доаѓа само неколку месеци по печатената верзија во издание на „АЕА паблишерс“ и „Грифин прес“ од Мелбурн, Австралија. Преведувачи на делата се: Весна Николова, Елена Чаварела, Билјана Џон, Мајкл Серафинов и Џејмс Томев. Супервизор на преводите е Бредли Досон, ликовен уредник Жаки Линч.

Божин Павловски е добитник на повеќе меѓународни признанија, меѓу кои: Интербалканската награда за книжевност во Грција, наградата „Екселзиор“ за унапредување на европската проза во Романија, „Железара Сисак“ во Хрватска, „Младост“ и „Арка“ во Србија. Меѓу националните признанија треба да се издвојат некои од најугледните: „11 октомври“, Рациновото признание; „Стале Попов“, „Кочо Рацин“. Романите на академик Павловски, кој живее и твори во Македонија и во Австралија, се преведени на 17 јазици во повеќе од 60 изданија и проследени со голем број критички толкувања.