Родители, не бидете оф додека децата ви се он!

И додека се редат различните искуства и мислења за тоа дали и колку децата треба да бидат контролирани, многу од нив стануваат жртви на интернет-предатори и педофили што ги користат детската потреба за комуникација, нивната отвореност, наивност и неискуство, за да дојдат до нивни лични податоци и компромитирачки фотографии. Затоа, родители, важно е да ги подучите децата да внимаваат кога се онлајн

Расте бројот на деца корисници на социјалните мрежи. Преголемата ангажираност на родителите на работните места, недостигот од време, но и претопувањето со врсниците, се само мал дел од причините поради кои децата активно висат на Фејсбук, Инстаграм, Твитер и на другите социјални мрежи.
Насилство врз животни и деца, сексуални содржини, користење наркотици и многу други нешта несоодветни за малолетници како на тацна им се сервирани на децата. Користењето на паметните телефони и на Интернет само дополнително ја влошува сликата.
Наместо на улиците да гледаме деца што трчаат по топка, играат криенка или возат велосипед, во последно време сликата и не е толку убава. Деца со мобилни телефони во рацете, наместо да гледаат како ја преминуваат улицата, со главата надолу следат кој им испратил порака на Фејсбук и кој каква фотографија објавил. Модерното време го зема својот данок, без притоа воопшто да се мисли на безбедноста на децата. На 12 и 13-годишна возраст тие активно користат Интернет, објавуваат недолични статуси и фотографии.

Па, оттука, се поставува прашањето како да ги заштитиме децата на социјалните мрежи.
Родителите, очекувано, се со поделени мислења. Едни велат дека нивните деца воопшто немаат свои профили, додека други, пак, сметаат дека нивното дете не треба да заостанува зад другарчињата што имаат свои профили. Има и такви што велат дека нивните деца имаат профили, но ги користат исклучиво под надзор. Повеќето, сепак, сметаат дека тоа се само деца и не обрнуваат многу внимание на тоа што објавуваат, но и што гледаат додека се прикачени на најголемата социјална мрежа.

Насилство врз животни и деца, сексуални содржини, користење наркотици и многу други нешта несоодветни за малолетници како на тацна им се сервирани на децата. Користењето на паметните телефони и на Интернет само дополнително ја влошува сликата

Непознатите лица можат лесно да го скријат својот идентитет, па дури и да се преправаат дека се на нивна возраст. Ова може да претставува вистинска опасност за децата, особено ако тие ја стекнат довербата во непознатиот и ако овозможат злоупотреба на своите лични податоци и фотографии за уцена, или ако закажат средба со непознатиот без присуство на родител, старател или возрасен член на семејството.Јасно дека во ситуацијата на речиси неизбежно користење на Фејсбук и на другите социјални мрежи од страна на децата, родителите се соочуваат со голем предизвик како да ги заштитат од содржини што не се соодветни за детската возраст. Упатените ќе речат дека многу е важно родителите да знаат како се користат Интернет и социјалните мрежи, да ги научат децата безбедно и одговорно да ги користат социјалните мрежи, да ги предупредат од опасностите што демнат на Интернет, на начин во согласност со детската возраст. Притоа да ги едуцираат и охрабрат на соодветно користење на Интернет, но истовремено да имаат и родителска контрола, која ќе биде насочена кон превенција и заштита на нивните деца од кражба на личните податоци, односно идентитетот на децата. Да ги советуваат да не стапуваат во контакт и да не се спријателуваат со непознати лица. Она што е најважно е родителите да им објаснат на децата дека Интернет, иако е виртуелен, може да биде многу поопасен од реалниот свет.

Често и психолозите предупредуваат дека родителите треба да бидат на штрек кога нивните деца ги користат социјалните мрежи. Некои од нив сметаат дека децата до 15-годишна возраст би требало да користат социјални мрежи само со надзор на родител и во ограничено време. Сепак, на некои ова им изгледа премногу строго или несоодветно, затоа што сега сите користат колку што сакаат мобилни телефони и многу е тешко да се има надзор врз тоа што сѐ гледаат, објавуваат и коментираат децата. Едно од решенијата е да се најдат начини за социјализација, дружење и учење, кои подразбираат директен контакт помеѓу децата, каде што тие ќе бидат ментално и физички ангажирани и ќе имаат директна комуникација со врсниците.

И додека се редат различните искуства и мислења, многу деца стануваат жртви на интернет-предатори и педофили што ја користат детската потреба за комуникација, нивната отвореност, наивност и неискуство, за да дојдат до нивни лични податоци и компромирирачки фотографии. Затоа, родители, важно е да ги подучите децата да внимаваат кога се онлајн, кога некој им се додворува со љубезни зборови и кога неизмерно дели комплименти, особено за изгледот на детето. Она што лесно може да следува воопшто не е наивно.