Автобусите што ги превезуваат децата мора да се технички исправни, но гаранции нема, велат од Министерството за образование по зачестените инциденти со автобусите во земјава и во странство, кои ги вознемирија родителите на децата што секојдневно патуваат со автобус или се подготвуваат да одат на екскурзии

По последниот инцидент со превртувањето на автобус што се користел за превоз на ученици, во близината на Струмица, повторно се отвори прашањето за безбедноста на автобускиот превоз, особено на автобусите што превезуваат ученици.
Инцидентот кај Струмица мина без посериозни последици, бидејќи автобусот бил празен, а возачот доби полесни телесни повреди. Но таква среќа не го следеше автобусот на „Дурмо турс“, кој на 13 февруари излета од автопатот Скопје – Тетово и се преврте во близината на Ласкарци, при што 15 луѓе ги загубија животите, а над 30 беа повредени и за што сѐ уште се чекаат резултати од истрагата.

Токму ваквиот развој на настаните, а во пресрет на училишните екскурзии, ги зголеми стравувањата меѓу македонските граѓани за тоа колку се безбедни нивните дечиња кога организирано патуваат некаде. Екскурзиите обично се организираат во пролетниот период, превозникот се избира преку јавен повик што го распишува училиштето, по што училишните претставници и советот на родители одлучуваат која понуда да ја прифатат.

– Страшно е ова што се случува во последно време со автобусите. Се гледа дека се дотраени, прашање е и како се одржуваат. Родител сум на полуматурантка, која во мај треба да оди на екскурзија во Охрид, па по последниве инциденти со автобусите, сериозно размислувам со свое возило да си го однесам и земам детето – вели Јован Михајлов, родител на ученичка во основно училиште во Кисела Вода.
Тој додава дека речиси секој ден низ градот забележува понекој автобус на кој интервенираат механичари.

– Низ градот не е толку страшно, се вози со помали брзини и ризикот на некој начин е помал, но, сепак, дури и во градот кога се превезуваат деца безбедносните критериуми на автобусите треба да бидат на највисоко ниво. Тука нема компромис, попусто била прифатена најниската цена на тендерот ако се добие лошо возило – додава Михајлов.

Од станиците за технички преглед велат дека автобуските превозници се должни да направат технички преглед на возилата еднаш во годината, како и уште два вонредни технички прегледа во текот на годината.

– Автобуските превозници, покрај редовниот технички преглед, мора да направат и два вонредни технички прегледа, бидејќи доколку ги немаат, при евентуална контрола од страна на сообраќајната полиција, ќе бидат исклучени од сообраќај – објаснуваат од станиците за технички преглед.

Оттаму уште додаваат дека може да се направи и дополнителен технички преглед на возилото ако тоа го побара самиот превозник.

По последните инциденти, сообраќајната полиција направи повеќе контроли на автобусите низ земјата, при што во источниот дел беа исклучени од сообраќај девет автобуси или комбиња што вршат јавен превоз на патници. Пет автобуси во Кичево биле исклучени од сообраќај поради неисправност, додека во Гостивар биле исклучени три автобуса. Загрижувачки е тоа што кај сите исклучени возила во поголем дел биле констатирани проблеми со уредите за сопирање и управување.

Од Министерството за образование велат дека сите организаторите на екскурзии што ќе се пријават на јавниот повик на училиштата треба да исполнуваат одредени референци за да учествуваат на повикот.

– Училиштата го распишуваат повикот, па во согласност со пристигнатите понуди избираат која агенција ќе им ја организира екскурзијата. Таа агенција склучува договор и за превозот. Автобусите што ги превезуваат децата мора да се технички исправни, но гаранции нема. Можеби возилото го минало техничкиот преглед, но подоцна може нешто да откаже – вели Горан Галевски од Министерството за образование.

На почетокот на годинава, автобус преполн со хрватски ученици се запали во тунел за време на екскурзија во Швајцарија. За среќа, учениците навреме го напуштија возилото, а автобусот целосно изгоре.

Во мај минатата година, автобус со ученици од БиХ се запали при сообраќајка за време на екскурзија во Италија, но, за среќа, и во овој случај немаше повредени.
По сите овие искуства од поблиското и подалечното опкружување, како неминовно се наметнува прашањето со какви автобуси треба да се возат нашите најмлади.

Решението што го посочуваат упатените се автобуси не постари од пет години, како и одморни возачи со долгогодишно професионално искуство. Само така безбедноста на учениците што патуваат на екскурзии ќе биде на највисоко ниво, сѐ друго е импровизација.

Речиси секој ден низ градот се забележува понекој автобус на кој интервенираат механичари
Фото: Маја Јаневска-Илиева