Техно

Додека компаниите се обидуваат да воведат дронови за достава, научниците од Државниот универзитет во Орегон работат на роботи. Станува збор за роботи со две нозе, кои би можеле да се користат за достава, но и за помош во домаќинствата, особено оние што имаат скали. Роботот го доби името Каси и „научи“ да трча, а веќе заврши и трка на пет километри. Му беа потребни 53 минути за да го стори тоа.
Каси е производ на тимот на „Аџилити роботикс“ на универзитетот ОСУ, а е направен во 2017 година. На прв поглед изгледа како ној без тело, кој бесцелно трча, меѓутоа оваа роботска „полуптица“ е всушност иднината. Роботот е издржлив, се напојува со батерија што може да трае цел ден, а неговата отворена архитектура овозможува контроли на ниско ниво за да може да послужи како платформа за истражување и развој на нови методи за контрола.
Во последниве години, ОСУ ја истражуваше употребата на машинско учење за Каси и бидејќи процесот на трчање бара одржување рамнотежа во движењето, тимот користеше алгоритам што му овозможи на роботот да „научи“ да трча. Научниците веруваат дека со помош на алгоритамот може да го подобрат трчањето и одењето по скали.
Каси е многу ефикасен робот поради начинот на кој е дизајниран и изграден. Успеавме да ги достигнеме границите на хардверот и да покажеме што може да направи – рече студентот Џереми Дао, кој работи на проектот.