Овие заштитени мачки главно сами се движат по шумите, настојуваат да бидат што подалеку од луѓето, но и едни од други

Во азиските и во европските шуми, како сенка лута опасен грабливец. Сам, без глутница, се движи подалеку од луѓето и го демне својот плен. Го има и во Македонија, но сѐ поретко. Станува збор за рисот. Најчесто е присутен во Средна Азија и во Русија. Во почетокот на 20 век, речиси да беше истребен, бидејќи ловџиите го убиваа поради неговото густо и скапоцено крзно. Денеска рисот е заштитен вид и ловот на оваа преубава мачка е забранет.
Бојата на неговото крзно се разликува од животно до животно и таа може да биде од сива, црвено-кафеава или жолтеникава во комбинација со риги или со точки. Шепите им се големи и прекриени со густи влакна, а тоа им помага при одењето по длабок снег. На врвовите од ушите имаат карактеристичен црн прамен. Долго се верувало дека тие прамени помагаат за подобар слух, но, сепак, најновите истражувања говорат дека тие им служат за комуникација. Рисот има кратка опашка, така што со нејзиното движење не можат да ги пренесат своите емоции и расположението на другите рисови, па за таа цел им служат прамените на врвот на ушите.

Рисовите најмногу сакаат густи шуми, далеку од луѓето и се чувствуваат непријатно на отворени подрачја. Тој е еден од четирите големи европски шумски ѕверки, кои главно ловат срни и дивокози иако на менито можат да им се најдат и зајаци, лисици и птици. Ниските густи растенија, како и шумите не им се погодни за трчање, па затоа рисовите мораат итро и тивко да се доближуваат до посакуваниот плен. Одлични предатори се, кои се базираат на сопствениот совршен вид и слух. Видот им е толку изострен, така што можат да забележат глушец на оддалеченост и до 75 метри. Кога се подготвени за напад, скокаат на својот плен, брзо го усмртуваат и потоа го одвлекуваат на свој терен. Рисовите се моќни животни, најактивни се в зори и во пресрет на ноќта, па тогаш најчесто и го ловат својот плен. Преку ден се помалку активни и се кријат во тревите, грмушките или одмораат на дрво. Ловат на земја, но можат да се качуваат на дрво, брзо да пливаат, па и да ловат риби.

Рисовите би ги посакало секое ловџиско друштво. Уништувањето на нивните живеалишта претставува голем проблем за рисовите, оти не можат многу незабележливо и слободно да се движат, а тоа значи дека неговите популации се распаѓаат на мали и изолирани групи, на кои потоа им се заканува и изумирање.
Рисовите се значаен дел од природата, особено таму каде што нема организиран лов на дивеч. Со ловот на срни, дивокози и други тревопасни животни, тие практично го контролираат нивниот број, што е инаку задача на ловџиите.
За жал, балканскиот рис полека исчезнува од планините во Западна Македонија. Денес тој се смета дека претставува најзгрозен подвид на евроазискиот рис. Популацијата на ова исклучително итро животно е доведена на работ на изумирање.
Рисот се храни со разновидни животни, од белоопашест елен, ирвас, срна, обичен елен и дива коза, па до помал и повообичаен плен, како што се планински зајаци, риби, лисици, овци, кози, верверички, глувци, мисирки, тетреби, еребици и други птици. Ловењето на рисoт е нелегално во многу земји.


Суви мушички за риболов

Основното правило на мушичарењето до кое секој мушичар мора да се држи, е кога ќе дојде да лови риби, прво треба да разгледа какви мушички летаат и паѓаат во водата

Риболовот со сува мушичка се смета за совршенство, предизвик, способност на мушичарот да се снајде и да се приспособи на одреден терен, да ја почувствува атмосферата на водата. За потребниот успех, покрај волјата и упорноста, секако дека е потребно и искуство.
Основното правило на мушичарењето до кое секој мушичар мора да се држи, е кога ќе дојде да лови риби, прво треба да разгледа какви мушички летаат и паѓаат во водата. Таквите мушички, прво според формата, а потоа и според другите карактеристики, ги користи мушичарот за риболов. Големината на мушичките треба да биде приближна на големината на природните мушички, кои тие ги имитираат.
Бојата на вештачките мушички треба да биде слична на природната, но можни се и одредени отстапувања. Важно е силуетата на вештачката мушичка што се користи, да биде иста како и формата на природните мушички што летаат над водата.


Во категоријата мушички што се изработуваат како сува верзија на вештачки мушички, припаѓаат возрасните единки од фамилиите: камењарки, цикади, кадиси, водени бубачки, скакулци, мравки, ларви и возрасни форми на двокрилци на разни водови комарци вилински коњчиња, мушички, пчели и бумбари.
Најзначајна карактеристика на сувите мушички е долго да останат на површината на водата. Таа способност се остварува со соодветна изработка на мушичките, особено преку изборот на материјалот, како и со помош на едноставна употреба на специјални препарати за пловност.

За сувата мушичка да не тоне, потребно е да се изработи од материјали кои ја одржуваат пловноста (со повеќе пердуви), кои создаваат поголема површина на мушичката, што резултира со нејзино лесно и долго задржување на површината на водата.
Има различни размислувања околу тоа дали мушичарењето со суви мушички е најлесен или, пак, најтежок тип мушичарење. Генерални поделби во оваа категорија нема, но, сепак, може да се издвојат две посебни групи – суви мушички со крилја и суви мушички без крилја.

Кај сувите мушички со крилја, пердувите и крилјата се поставуваат на вратот на јадицата под прав агол во однос на телото. За полесно и подолго да пливаат, тие повремено треба да се третираат со разни силиконски препарати за пловност, а може да се користи и растворен парафин во малку бензин.
Кај сувите мушички без крилја, пердувите стојат под прав агол во однос на телото. Кај некои мушички пердувите се сместени понапред, а кај некои се распоредени по целото тело. Токму затоа риболовците треба повремено да ги третираат со споменатите препарати заради подобра пловност.