Откога минатата недела војник од соседната Албанија загина за време на воена вежба во Литванија и во период кога во земјата се подготвуваат измени на Законот за одбрана со кои за припадниците на АРМ се предвидува задолжително заминување во воени вежби и во мировни мисии на НАТО, многумина си ги поставуваат прашањата дали и како се осигурени македонските војници

Колку се заштитени и осигурени од несреќи македонските војници во текот на нивните учества во мировните мисии и воените вежби, кои се одржуваат насекаде во светот од Европа па до државите на Блискиот Исток. Оваа дилема стана актуелна во стручната јавност откога минатата недела војник од соседната Албанија загина за време на воена вежба во Литванија и во период кога во земјата се подготвуваат измени на Законот за одбрана со кои за припадниците на АРМ се предвидува задолжително заминување во воени вежби и во мировни мисии на НАТО.

Во тој контекст, синдикалците од АРМ велат дека осигурувањето на македонските војници е недоволно и треба да се подобри. Претседателот на Синдикатот за одбрана и безбедност, Ристо Ајтов, коментирајќи ја оваа состојба, објаснува дека формално, припадниците на АРМ се осигурени од државата, но во класична смисла на зборот.
Според него, осигурувањето на војниците и на старешините е поделено во класи, во зависност од тоа какви работни обврски спроведуваат. Така, најмногу пари за осигурување (200 денари месечно) се одделуваат за специјалните единици, па за стандардната армија, логистиката и така натаму, до минималните (50 денари месечно) за оние чии работни обврски во армијата имаат најнизок степен на ризик.
Според синдикалецот, иако формално Министерството за одбрана го почитува законот, ваквото осигурување е сепак недоволно за припадниците на војската ако тие за време на професионалното дејствување се повредат, инвалидизираат или, пак, им се случи најлошото.

– Врз основа на сегашното осигурување, парите што се добиваат во оваа смисла на зборот, од осигурителните компании, едноставно не се доволни за семејствата на војниците бидејќи тие за државата го ризикуваат животот во местата како Авганистан и Ирак, а за возврат ако станат инвалиди немаат адекватна финансиска компензација. Токму затоа од човечки аспект состојбата треба да се подобри и да се најде модус како да се стори тоа. Дополнителен проблем во целата ситуација е што полисите на домашните осигурителни компании едноставно не ги покриваат повредите што настануваат во борбени подрачја како Ирак и Авганистан или, пак, во странските воени вежби во ризични области. Со други зборови, само господ ги штити и осигурува нашите војници и колеги кога заминуваат во овие ситуации со висок ризик односно во мировните мисии – вели претседателот на синдикатот.

И Ацо Исајлов од Независниот армиски синдикат е согласен дека иако осигурувањето за припадниците на АРМ постои во некаква форма, тоа во целост не ги покрива евентуалните несакани последици. Тој во вели дека, за среќа, припадниците на АРМ се многу професионални во своето работење кога дејствуваат во мировни мисии и воени вежби и засега не се јавила состојба како онаа во соседна Албанија. Исајлов смета дека за потребите на мировните мисии во ризичните подрачја, припадниците на АРМ треба да бидат дополнително осигурени.