Сѐ повеќе млади луѓе го избираат риболовот како спорт и некој вид хоби, со намера во него да најдат засолниште од напорното и стресно секојдневие

Риболовот е здрав спорт за сите старосни групи, благотворно влијае на нервниот систем и спаѓа во физичка активност, која не се состои само од седење на брегот и гледање во тапата, туку и од пешачење до избраното место за лов. Корисен е и поради тоа што тој бара да се учат нови техники на рибарење, а го развива и чувството за природата. Искусниот рибар сака да знае кои ветришта во кој правец дуваат, го следи извештајот за нивото на водата, дали таа е бистра или матна, која е моменталната температура, каков е воздушниот притисок, облачноста, што сѐ заедно прави човекот да се чувствува сигурно, добро и безбедно.

Во денешниот приватен и работен живот, стресот секако е присутен, а токму риболовот е одличен начин за релаксирање. Тој е една од најпопуларните активности меѓу луѓето што живеат во близината на реките и езерата. Сѐ повеќе млади луѓе го избираат риболовот како спорт и некој вид хоби, со намера во него да најдат засолниште од напорното и стресно секојдневие.

Во риболовот се вклучуваат сѐ повеќе и аматери-рибари, кои со риболовот се занимаваат неколкупати годишно, па затоа и често се случува да изгубат и дел од рибарскиот прибор.

За риболов се потребни основните елементи, а тоа се рибарскиот стап, кој е прв и најскап дел од опремата, потоа јадицата, која треба да одговара на видот на рибата што се сака да се лови, односно, за помали риби помала, а за поголеми поголема јадица, од кои вторава може да биде со две или повеќе куки). Тапата е дел од опремата, која и не е толку нужно потребна. На почетниците им го олеснува риболовот, додека искусните рибари најчесто и не ја употребуваат.

За оние што би сакале да ловат често, најдобро е да си извадат годишна рибарска дозвола. Ако досега не сте се одлучиле за риболов, сега е можеби и вистинскиот момент да пробате да влезете во неговите тајни.


Територија на движење на црвената лисица

Големината на територијата што една лисица ја смета за своја, зависи пред сѐ од расположливиот и достапен потенцијал на нејзиниот плен, кој живее на тој простор

Црвената лисица (Vulpes vulpes) во Средна Европа е единствениот претставник на оваа група животни и поради тоа најчесто е позната и само под името лисица. Нејзиното тело е долго околу 75 см, а плус има и опашка долга 40 см. Во рамената е висока 40 см, а тежината ѝ изнесува од 6 до 10 кг. Крзното од горната страна ѝ е црвено, а од долната бело, додека долните делови од нозете ѝ се црни.

За ловџиите е мошне значајно да знаат каде најчесто се движат лисиците или кои места ги користат како престојувалиште, ако сакаат да имаат богат улов на ова итро животно. Лисичината јама или пештера по правило е сместена во средиштето на територијата каде што се движи и опфаќа простор од 5 до 10 квадратни километри. Лисицата редовно ја посетува својата територија, а со својот измет и урина, всушност ги известува другите лисици дека тоа место е веќе зафатено.

Големината на територијата што една лисица ја смета за своја, зависи пред сѐ од расположливиот и достапен потенцијал на нејзиниот плен, кој живее на тој простор.
Лисиците имаат повеќе јами на својата територија. Тие им служат за одмор, криење во случај на опасност, како и за подигнување на малечките. Таа ретко сама ги копа јамите, најчесто ги презема од јазовецот или од куната, а потоа, освен главниот, ќе ископа и уште некој отвор за да си го осигури бегството во случај на опасност. Таквите јами ги користат повеќе генерации. Густината на населеност на лисицата на одредено подрачје зависи од повеќе елементи, како на пример од разновидноста на подрачјето, количеството на можниот плен, како и од можноста за изградба на јамата.