Референдумот во хаос

На таквата препорака да се раздвои референдумот од избори, Владата донесе одлука да се вклучи во кампањата за референдумот. Како гласачите да направат разлика ако Владата (СДСМ/ДУИ) е носител на кампањата за референдум?

Со доволна временска дистанца од донесувањето на одлуката за референдум за договорот со Грција, а заклучно со одлуката на Владата да се вклучи во кампањата за референдумот, може да се заклучи дека референдумот е во хаос. Референдумот е во хаос поради најмалку четири работи и тоа: начинот на донесување (без опозицијата), карактерот на референдумот (консултативен), референдумското прашање или што точно е предмет на изјаснување на референдумот, и начинот на водење на кампањата.

И секако и без овие работи, кој било референдум би бил во хаос, поради тешката применливост на Законот за референдум. Само за потсетување, како што пишував во „Да, отпор но за чии лаги“ на почетокот на 2013 година, по референдумот за територијална организација во 2004 година, кога СДСМ повикуваше на апстиненција (бојкот), дополнително направи чекор за оневозможување на референдумите. Во 2005 година СДСМ донесе нов закон за референдум и граѓански иницијативи, со кој значително ги ограничи можностите за директна демократија: се укина можноста за предлагање референдум со 10.000 потписи, во општините се постави невозможен праг за собирање потписи за локални референдуми од 20 отсто, се отежнаа процедурите, се скратија роковите. Со свој камен по своја глава – кога се поведе иницијативата за референдум за „Скопје 2014“, набргу иницијаторите разбраа дека е многу тешко да се соберат потписи од секој петти граѓанин, односно во општина со околу 40.000 гласачи, да соберат 8.000 потписи. Дополнително од законот не јасно кој ќе ја води кампањата за референдумот.

Но, како овој референдум се доведе во хаос. Одлуката за референдум се донесе без учество на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Не е оправдување дека ВМРО-ДПМНЕ не била конструктивна, бидејќи одговорноста за обезбедување на политичкиот дијалог е на Владата. Посебно поради искуствата на претходните три референдуми: за независноста, за територијалната поделба и тој во Центар за ГТЦ. Референдумското искуство покажува дека само референдум поддржан и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ може да биде успешен, во смисла на обезбедување учество на најмалку 50 проценти гласачи. Референдумите поддржани само од една партија, не успеаја во обезбедување на тоа учество.

Кога Владата се одлучила да тргне на референдум без дијалог со опозицијата, таквиот референдум го осудила на неуспех. И дека Владата е целосно свесна за тоа се гледа во следната одлука, референдумот да биде консултативен. Моментот кога Владата се одлучи за консултативен референдум објави дека не верува во успешноста на референдумот. Со домино-ефект врз гласачите, ако Владата не верува во успехот, зошто гласачите би верувале. Настрана правните елементи на ваквата одлука, односно дали за стапување во сојуз (ЕУ) е неопходен задолжителен референдум, или дали за меѓународен договор е потребен претходен референдум.

Нормално кога Владата не верува во успешноста на референдумот, го продлабочува хаосот со референдумското прашање од кое е целосно нејасно за што се изјаснуваат граѓаните за стапување во сојуз со НАТО и/или ЕУ, и/или за договорот со Грција. За референдумското прашање „три во едно“ доволно е пишувано. Една паралела, која мислам дека досега не е спомната. Доколку референдумот е успешен, тој ќе води кон измени и дополнувања на Уставот, а притоа јавноста воопшто не е запознаена со амандманите на Уставот. Како ќе реагира на тоа меѓународната заедница, олицетворена во ОБСЕ и ОИДХР, секако доколку има меѓународен мониторинг на референдумот? ОБСЕ и ОИДХР ќе го прогласат за нефер и недемократски референдумот во Турција меѓу другото и поради тоа што „18 предложени амандмани што влијаат врз 72 члена од Уставот се изгласани како единствен пакет, спротивно на меѓународната добра практика за референдум, односно гласачите немаа можност да направат избор за секое од различните прашања од измените и ниту една од предложените измени не е наведена на гласачкото ливче; гласачите едноставно беа замолени да гласаат со ’да’ или ’не’“. И ние во Македонија, сме замолени да гласаме со „да“ или „не“, без да знаеме за што точно гласаме. Меѓународна заедница, ОБСЕ и ОИДХР ќе има реакција за ова?

На добрата страна на референдумското прашање е неспоменувањето на промената на името, со што ќе отсуствува експлицитно одобрување на промена на името од страна на граѓаните.
И последната четврта грешка што ќе го комплетира хаосот е одлуката на Владата да се вклучи во кампањата „за“. На почетната нејасност кој треба да ја води кампањата „за“ (а против не е ни предвидена), Владата ја зголеми конфузијата. Според првичното објаснување на ДИК, предлагачи се пратеници и тие треба да ја водат кампањата.

Владата нема основа да се вклучи, дополнително и поради забраната за владини реклами во медиуми, која сега ќе биде прекршена. Но клучниот проблем на одлуката Владата да се вклучи во кампањата е нешто друго. Пред некој ден многупочитуваниот Фил Рикер, поранешен амбасадор на САД во Македонија, порача дека граѓаните не треба да ги мешаат изјаснувањето за референдумот и изјаснувањето за (не)доверба во Владата, бидејќи за ова второто се изјаснуваат на избори. Ваквата изјава на Фил Рикер, одличен познавач на околностите во Македонија, се поради согледаниот ризик скорешните случаи на корупција и некомпетентност на Владата да може да го загрозат самиот референдум. На таквата препорака да се раздвои референдумот од избори, Владата донесе одлука да се вклучи во кампањата за референдумот. Како гласачите да направат разлика ако Владата (СДСМ/ДУИ) е носител на кампањата за референдум? Владата не смееше да се вклучува во кампањата, туку требаше да го следи британскиот модел и да дозволи формирање група за и против, и во нашиот случај група бојкотирам, кои ќе вклучуваат поединци и групи од различни партии и припадности, а кои ги поврзува ставот кон прашањето.

Грешките во референдумот покрај хаосот, по (не)демократските стандарди го доближуваат до тој на Ердоган за Уставот на Турција. Во такви услови, покрај таборите за и против, станува легитимен и таборот #бојкотирам. Поточно во вакви услови можеби е подобро референдумот да не се одржи.

Авторот е аналитичар