Ретроспективна изложба на Ѓорѓи Здравев (1941-2007) ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во КИЦ. Ќе бидат презентирани цртежи и скици за филмска, телевизиска и театарска костимографија, како и неколку костими – експонати од богатото творештво на овој реномиран уметник, костимограф, етнолог, професор.

Ѓорѓи Здравев завршил во Училиштето за применета уметност во Скопје, Академијата за применети уметности – оддел костимографија, на Универзитетот во Белград, работел во Институтот за фолклор, завршил постдипломски студии и магистрирал со темата „Благородничкиот костим во Македонија во 14 и 15 век“. Ѓорѓи Здравев уште со самостојната изложба со модни цртежи и костими во Скопје во 1973 година, а пред тоа и со понагласениот ангажман во костимографското оформување низа претстави на Народниот театар од Штип, го најавил својот несомнен талент како театарски сценограф со одредена физиономија. Во неговиот голем и значаен творечкиот опус влегуваат повеќе од 50 театарски претстави.