Ретроспективно-монографската изложба на Костадин Танчев-Динка ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во „Даутпашиниот амам“. На изложбата ќе бидат претставени негови дела од областа на графичката уметност, сликарството и графичкиот дизајн, кои прават пресек на неговото повеќедецениско творештво.

Костадин Танчев-Динка во текот на својот повеќедецениски плоден творечки век остави значаен белег како ликовен автор и како ликовен дизајнер. На полето на применетата графика се смета за водечки во Македонија, иноватор во дизајн, значаен сценограф, врвен изработувач на плакати и дизајнер на публикации. Остави свој белег и преку своите графички и сликарски дела. Изложбата има за цел да направи пресек на неговото целокупно творештво и да го потврди неговото место во развојот на македонската современа ликовна уметност.

Роден е во 1940-та, во Валандово. Дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград во 1967-та. Работел во областа на филмот, филмска анимација, театарска сценографија, графички дизајн, плакати, сликарство. Бил професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Имал голем број самостојни изложби во Лондон, Цирих, Анкара, Скопје и во Валандово, групни претставувања во Париз, Нирнберг, Австралија, САД, Загреб, Белград, Нови Сад, Љубљана, Блед, Скопје. Добил повеќе од 40 домашни и меѓународни признанија.

Кустоси на изложбата се Маја Неделкоска-Брзанова, Маја Чанкуловска-Михајловска и Горанчо Ѓорѓиевски.