Познатото рели се вози од 1979 година, само со една година пауза, во 2008 година, по што од Африка се пресели во Ј. Америка

Еден од најпознатите авто-мото настани во светот, релито „Дакар“, е под знак прашалник, затоа што единствениот организатор што остана, Перу, има големи финансиски проблеми.
Домаќини на 41-то издание на релито во јануари 2019 година требаше да бидат и Боливија и Чиле, по што организаторите ја објавија маршрутата, која ќе се вози само во Перу, но Перуанците како единствени домаќини се соочуваат со финансиски проблеми за подготовка на релито „Дакар“.

Според перуанските медиуми, земјата размислува да се повлече од организацијата, бидејќи владината „прелиминарна економска анализа“ за реализирање на „Дакар“ е негативна. Перу како домаќин ќе треба на организаторот да му плати шест милиони долари котизација за организација на настанот, а за дополнителните трошоци за инфраструктура, безбедност и логистика, Перуанците ќе треба да потрошат повеќе од 25 милиони долари. Според некои пресметки, пак, економската бенефиција за Перу како домаќин на релито „Дакар“од годинава би изнесувала околу 40,5 милиони долари. Дали овој настан ќе се одржи во 2019 година ќе биде познато најдоцна до утре.
Релито „Дакар“ се вози од 1979 година, само со една година пауза, во 2008 година, по што од Африка трката се пресели во Јужна Америка. Годинава се возеше низ Перу, Боливија и низ Аргентина, пред тоа во Парагвај, Боливија и во Аргентина, во 2016-та низ Боливија и низ Аргеџнтина, во 2015 година во Боливија, Аргентина и во Чиле итн.