Лани на маратонот имаше околу 8.500 учесници, во 2016-та над 7.000, а годинашниот рекорд е најдобар показател дека интересирањето за трчање во Скопје се зголемува и оти целиот настан го заслужува епитетот „македонски спортски бренд“

На годинашниот, 14-ти по ред Скопски атлетски маратон, на 6 мај, низ улиците на главниoт град на Македонија, ќе трчаат околу 10.000 натпреварувачи од 58 земји, во сите категории, што е рекордна бројка, информираат организаторите откако вчера истече крајниот рок за пријавување. Лани на маратонот имаше околу 8.500 учесници, од 51 земја, во 2016-та над 7.000 од 46 земји, а годинашниот рекорд е најдобар показател дека интересирањето за трчање во Скопје се зголемува и оти целиот настан го заслужува епитетот „македонски спортски бренд“.

Главната маратонска трка и полумаратонската и штафетната трка, 4х5 км, ќе почнат во 8.30 часот, за да се избегнат високите температури и жешкото време, кое минатите години им создаваше многу неволји на учесниците. Наредните неколку дена ќе следуваат завршните подготовки со повеќе промотивни активности. Еден ден пред трката Скопскиот маратон, во соработка со Амбасадата на Италија и хотелот „Парк и спа“, како поддржувачи на „Проект среќа“, ќе организираат хуманитарна „Паста парти“ од 18 до 21 часот во рамките на акцијата „Здраво, шампиони“. Поканети се сите учесници на маратонот, кои ќе можат да купат ваучер за 100 денари, а собраните средства ќе бидат наменети за децата што живеат во социјален ризик. За нив ќе се обезбедат бесплатна спортска опрема и бесплатни членарини во спортски клубови. На оваа акција се придружи и Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Светската рекордерка во маратон, Британката Пола Ретклиф, ќе биде промоторка на Скопскиот маратон. Таа е втора мегаѕвезда што ќе го промовира Скопскиот маратон, по Кениецот Вилсон Кипсанг Кипротич во 2014 година, бронзениот медалист од ЛОИ 2012 во Лондон, и поранешен светски рекордер
– Новитет на годинашниот Скопски маратон се стартните пакети, кои ќе бидат дигитални, а летоците и другите материјали пријавените ќе ги добиваат преку електронска пошта. Оваа идеја за одржливост и за намалување на користењето хартија се вклопува во концептот на Скопскиот маратон за зачувување на животната средина – вели директорот на маратонот Кире Синадиновски.