Кој ќе слави по мечот: Гризман (лево) и Рамос

Првпат во историјата на ова натпреварување, во 43-то издание, ќе се сретнат два тима од ист град, Мадрид, а по четврти пат во последните пет години ќе играат шпански тимови

Во Талин, Естонија, утревечер, на стадионот „Лилекила“ (21 ч.), ќе се одигра натпреварот за Суперкупот на УЕФА, во кој ќе се сретнат шпанските гиганти и големи ривали, најдобриот во Лигата на шампионите (ЛШ), Реал, и победникот во Лига Европа (ЛЕ), Атлетико. Првпат во историјата на ова натпреварување, во 43-то издание, ќе се сретнат два тима од ист град, Мадрид, а по четврти пат во последните пет години ќе играат шпански тимови.
Реал победувал четирипати на шесте одиграни суперкуп-меча, меѓу кои и на последните два, лани против Манчестер Ј., 2-1 (во Скопје), и во 2016-та, над Севилја, 3-2. Со оглед на тоа дека Реал годинава стана првиот тим што трипати триумфирал во ЛШ, има шанса да биде и првиот што трипати по ред го освојува и Суперкупот.
Атлетико има стоотстотен ефект до суперкуп-натпреварите, победувајќи во 2010-та (над Интер, 2-0) и во 2012-та (Челси, 4-1) во улога на победник на ЛЕ.

Реал и Атлетико деветпати се сретнале во натпреварите на УЕФА. Поуспешен е Реал со пет победи, две ремија и два пораза.
Лани во август домаќин на Суперкупот, на мечот Реал – Манчестер Ј., беше Скопје, на арената „Филип Втори“. Во претходните четири години, откако претходно долги години Суперкупот се играше во Монако, до 2012-та, тој меч се играше во различни градови и земји, во Трондхајм, Норвешка (2016), во Тбилиси, Грузија (2015), во Кардиф, Велс (2014), и во Прага, Чешка (2013-та).
На досега 42 одиграни вакви натпревари, поуспешни се европските прваци, со 23 победи, а победниците во Купот на победниците на куповите (КПК), од 1992 до 1999 година, триумфирале 11 пати, а освојувачите на УЕФА-купот/ЛЕ, од 2000 година наваму се радувале осум пати.

Најуспешни со по пет трофеи се Барселона и Милан, Реал има четири, Ливерпул три итн. Меѓу земјите предничи Шпанија, со 14 триумфи (или 15 бидејќи во Талин ќе победи екипа од таа земја), Италија има седум, Англија пет итн.
Меѓу фудбалерите најуспешни досега, со по четири победнички медали, се Дани Алвеш (три во дресот на Барса и еднаш со Севилја) и Паоло Малдини (сите со Милан). Шанса да им се придружат имаат седуммина играчи на Реал, Дани Карвахал, Серхио Рамос, Марсело, Лука Модриќ, Карим Бензема, Иско и Тони Крос.
Кај тренерите, по три суперкуп-победи имаат Карло Анчелоти и Пеп Гвардиола, кои имаат тримуфирано и како фудбалери, покрај Диего Симеоне, Луис Енрике и Зинедин Зидан.