Од Брисел вчера стигна информација дека министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас постигнале рамка за компромис за спорот за името, а европските дипломати најавуваат поддршка на решението. Медиумите ја пренесоа веста по работниот појадок, на кој македонскиот министер за надворешни работи ги брифира европските колеги за случувањата поврзани со спорот. Претходно, Димитров рече дека со својот грчки колега Коѕијас во Брисел постигнале рамка за компромис за името.

– Имавме продуктивна средба, имаме рамка што треба да се доработи и на неа во моментов правни тимови од двете министерства во Атина работат, се планира важен разговор на премиерско ниво, Заев со Ципрас кон средината на оваа недела, каде што се надеваме дека ќе се пресечат некои важни работи од опциите што се во игра. Мислам дека тоа треба да им го оставиме на премиерите. Видовме колку комуникациите околу процесот влијаат врз него, го имаме веќе тоа искуство, да му дадеме шанса на процесот – изјави Димитров за агенцијата МИА.
Еден час пред почетокот на редовниот совет на ЕУ за надворешни работи, шефот на македонската дипломатија имал и неформален појадок со министри за надворешни работи на ЕУ или нивни заменици, организиран од страна на Бугарија и Австрија (сегашното и следното претседателство на ЕУ).
Според информациите, Франција и Холандија биле најтврди во однос на почетокот на преговорите, како што било и очекувано, а министерот Димитров сметал дека „чуда се можни“.

– Убаво е да знаеме дека ова не е едноставно… Внатрешната консолидација во ЕУ е комплементарна, а не спротивна на консолидацијата на Балканот, а доколку се случи овој историски пробив ќе биде шанса и за цела Европа да се создаде успех. Не сме во ситуација да имаме луксуз да пропуштаме историски шанси – изјавил Димитров.
Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, пак, излезе со изјава за поддршка на процесот за наоѓање решение за името.
– Сите сме многу охрабрени од напредокот меѓу Скопје и Атина за името, сите ќе работиме да поддржиме и придружиме позитивен исход – изјави Могерини.
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан преку социјалната мрежа Твитер им се заблагодари на двајцата шефови на дипломатиите за нивната „конструктивна и тешка работа“, наведувајќи дека сите изразиле целосна поддршка на преговорите.
– Консензус во салата дека решението на името ќе ја промени играта за следните чекори во процесот на пристапување кон Европската Унија на Македонија – напиша Хан на Твитер.

Македонскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) пишува дека за Македонија е од голема важност да добие временска рамка за почетокот на преговорите во текот на оваа година, бидејќи следната година е изборна во Европската Унија и политичките процеси ќе бидат во застој.
Во меѓувреме, грчката телевизија Скај објави дека премиерите на Македонија и на Грција, во периодот откако ги известија политичките сили во двете земји пред една седмица, најмалку еднаш, а можеби и двапати, разговарале телефонски за прашањето за спорот за името.
Според медиумот, темата на разговор била имплементацијата на ерга омнес за име од пакет-предлозите на медијаторот Метју Нимиц.
Новинарот од грчката телевизија коментира дека „откако потона Илинден, се чини дека е во тек маратон за да не се загуби можноста“ и да се затвори прашањето до Советот на ЕУ на крајот од јуни.
Од македонската влада ваквата вест не ја демантираат.
– Кабинетите на премиерите Заев и Ципрас имаат отворена и постојана комуникација во секое време – велат од македонската влада на прашањето за домашните медиуми дали се точни ваквите информации.
Грчкиот весник „Катимерини“ во текст насловен „Уште едно име на масата“ пишува дека по неуспехот да се согласат за „Илинденска Македонија“, Атина и Скопје продолжуваат да бараат универзално решение на спорот за името, истакнувајќи дека преговарачките тимови се вратиле кон четирите предлози, дадени од меѓународниот посредник Метју Нимиц.

Во коментарот се тврди дека досега разговараните имиња Горна Македонија или Нова Македонија претставуваат „сомнителна перспектива за наоѓање решение“, бидејќи владата на Зоран Заев одбива да ги прифати за сеопшта употреба (ерга омнес), што е задолжителен предуслов за Грција.
Соопштувајќи за ново, досега непретставено име, „Катимерини“ се повикува на добро информирани извори, според кои за време на последниот круг од преговорите предмет на дискусија станало име поврзано со Крушево и Крушевската Република, прогласена за време на Илинденското востание од 1903 година.
Весникот пишува дека ако навистина сакаат да најдат решение на спорот за името, двете страни треба да направат вистински дипломатски спринт во пресрет на самитот на Европскиот совет, на 28 јуни 2018 година.