Албанскиот премиер Еди Рама објави победа на парламентарните извори и ги повика сите поддржувачи да ѝ се придружат на владејачката партија на прославата на плоштадот „Скендер-бег“ вчера во 18 часот.
Процесот на пребројување на гласовите за парламентарните избори во Албанија е завршен во десет општини. Од досега добиените податоци, Социјалистичката партија (СП) на Еди Рама води во општините Елбасан, Корча, Валона, Ѓирокастро, Фиер и Берат, додека опозициската Демократската партија триумфира во Скадар, Лежа, Дебар и Кукс. Пребројувањето сѐ уште трае во две општини, и тоа во главниот град Тирана и во Драч.
Според преброените гласови, СП на актуелниот премиер Еди Рама би имала 74 пратеници, додека опозицијата предводена од Љуљзим Баша 59 пратеници, а ЛСИ на Моника Круемади тројца пратеници.
Европската Унија повика наводните нерегуларности од изборите во Албанија да се процесираат и се надева дека земјата ќе ја одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ што е можно поскоро.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, и шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, врз основа на наодите на ОБСЕ/ОДИХР, го поздравија одржувањето на парламентарните избори во Албанија, кои беа оценети како добро организирани.