Трите главни радиостаници во Монтреал престанаа да ги пуштаат песните на Мајкл Џексон, откако на каналот Ејч-би-о беше прикажан документарецот „Заминувањето од Недојдија“ за неговото, наводно, сексуално малтретирање деца. Претставници за медиумите на овие станици соопштија дека одлуката е донесена поради реакциите на слушателите по гледањето на филмот, пренесе агенцијата АП.

Во документарецот на режисерот Ден Рид, Вејд Робинсон (36) и Џејмс Сејфшак (41) го обвинуваат Џексон за сексуално малтретирање кога имале 7, односно 10 години, што претходно го негирале, па дури јавно му давале поддршка на славниот пејач.
– Ова не е документарец, туку филм на страв и ужас. Две момчиња што биле „специјални“ другари на Мајкл, во најмала рака, преживеале пекол – се наведува во една од критиките.

Исповедите на малтретираните момчиња, сега веќе возрасни луѓе, биле толку потресни и детални, што организаторите на фестивалот во ходникот, пред киносалата, донеле психолози и советници за жртви на сексуално малтретирање, во случај некому да му притреба помош по гледањето на филмот.

Меѓу другото, Вејд и Џејмс навеле дека Мајкл сексот го плаќал со накит и други подароци, па дури на едниот од нив му приредил венчавка на ранчот „Недојдија“, по кого и филмот е насловен.

И Би-би-си и Радио 2 веќе не ги емитуваат песните на Џексон. На оваа станица последен пат негов хит одекнал на 23 февруари.

– Секое музичко дело го проценуваме според заслугите и одлуките што ги донесуваме во врска со тоа што пуштаме во етерот, кои секогаш се направени имајќи ги предвид релевантната публика и контекстот – велат од Би-би-си.

Наводните жртви поднеле граѓански тужби против фондацијата „Џексон“ по смртта на ѕвездата. Тие биле отфрлени на суд во 2017 г., со образложение дека фондацијата не може да биде одговорна за однесувањето на ѕвездата.

Семејството на Мајкл Џексон ги оцени како „јавен линч“ реакциите што следуваа по прикажувањето на документарецот „Заминувањето од Недојдија“, бидејќи се разбудиле заспаните духови и во јавноста повторно биле актуализирани обвинувањата за сексуалните малтретирања на Мајкл.

Исто така семејството Џексон, филмот на Ден Рид што премиерно беше прикажан на фестивалот на американскиот независен филм „Санденс“ во Парк Сити во државата Јута, го нарече „беден и скандалозен“.