Разиграно, со мнoгу насмевки и позитивна енергија каква што само најмладите знаат да емитуваат, во саботата во Прилеп помина вториот ден од „Прочка 2019“, каде што децата и нивните наставници од прилепските основни училишта и градинките настапија со 15 групни и поединечни маски.

Најмладите повторно ја покажаа својата детска креативност во пренесувањето пораки преку маски. „Ние сме чувари на планетата земја“, „За чиста околина“, „Еколошка цветна пролет“, беа дел од маските со кои децата порачаа дека сите треба да се грижиме за животната средина. Инвентивноста на дечињата се покажа и преку прекрасните маски „Да си подадеме рака“, „Деца на сонцето“ и преку другите маски со кои на прилепчани им го разубавија денот и го направија посебен детскиот карневал „Прочка 2019“.

Централното градско подрачје беше исполнето со детски џагор, со родители и посетители, не само од Прилеп туку и од повеќе градови од нашата држава.
Дефилираа младите до 14 години и тоа учениците од основните училишта и од детските градинки во Прилеп.

Наставничката Весна Арсиќ од основното училиште „Блаже Конески“ рече дека како и секоја година, така и годинава, со нетрпение сите го очекувале карневалот „Прочка“, бидејќи скоро два месеца таа и нејзините ученици работеле на кореографијата и на маската.

– Оваа година нашето училиште се претстави со групната маска „Мадагаскар“, инспирирана од истоимениот анимиран филм, преку која сакаме да порачаме дека не постои ниту една причина и никој што може да си земе право да ни ја скрати слободата, па и правото на избор доколку не направиме прекршок. Затоа сите да играме, да пееме, да се радуваме, да мислиме позитивно, бидејќи животот е игра, животот е песна – додаде Арсиќ.