Протоколарни гафови

Селфањето на македонскиот премиер беше невообичаена и непромислена работа! Сериозен политичар со висок ранг по правило со себе не носи мобилен телефон, а неговиот телефон го носи некој член од неговата придружба! Политичарите треба да внимаваат и да не дозволуваат неконтролиран излив на емоции!

Во повеќе наврати укажував дека дипломатскиот протокол е мошне сериозна работа и дека не смеат да се случуваат такви грешки, гафови и глупости какви што прави македонската дипломатија! Укажував исто така на потребата за солидна обука за протоколарните и безбедносните прашања на дипломатите, кои се распоредуваат во македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство. За разлика од политичките грешки и глупости, кои најчесто се невидливи, протоколарните и безбедносните грешки и глупости не можат да се прикриваат пред мaкедонската и светската јавност. Нималку не е случајно тоа што сите земји посветуваат големо внимание на протоколот што се применува при посетите на високо и највисоко ниво. Пред ваквите посети се прецизираат сите детали во врска со посетите. Посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на нашата држава е од исклучително значење за двете соседни земји. Не можам да разберам како искусната грчка дипломатија дозволи такви грешки какви што се случија при пречекот на нивниот премиер во Скопје! Пречек без почесна гарда и без интонирање на химните на двете земји! Образложенијата што беа дадени за грешките околу пречекот на грчкиот премиер се несериозни и не држат вода!

Колку е значаен протоколот за посетите на високо и највисоко ниво ќе го наведам случајот со посетата на романскиот лидер Николае Чаушеску на СФРЈ во 1976 година. Во јули 1974 година Тито престојуваше во тридневна официјална посета на Романија. Чаушеску му приреди импресивен пречек на гостинот од Југославија. Чаушеску го пречека Тито на меѓународниот аеродром „Отопени“ во Букурешт, на улиците од аеродромот до резиденцијата во која беше сместен гостинот, беа построени најмалку 300.000 романски граѓани. Импресивен пречек на Тито му беше приреден и во Констанца на Црно Море.

Возвратната посета на Н. Чаушеску требаше да се реализира наредната година. Меѓутоа, поради протоколарни причини, оваа посета се реализира дури во септември 1976 година. Чаушеску бараше Тито да го пречека на аеродромот во Белград и 300.000 граѓани на белградските улици! Меѓутоа, југословенскиот протокол, водејќи сметка за здравствената состојба на Тито, беше изменет и високите гости од странство Тито ги пречекуваше пред Белиот двор, а не на белградскиот аеродром. Романците се повикуваа на преседанот што беше направен при пречекот на американскиот претседател Џералд Форд во 1975 година. Џ. Форд по завршувањето на самитот на Конференцијата за економска соработка и безбедност (КЕБС) во Хелсинки, ја посети Романија, а потоа и Југославија. При посетата на Југославија, Џ. Форд бил пречекан од Тито на белградскиот аеродром. Повикувајќи се на овој преседан, Романците инсистираа Тито да го пречека и нивниот лидер на аеродромот во Белград. За надминување на спорните протоколарни прашања беа одржани неколку средби на членот на Претседателството на Сојузот на комунистите на Југославија (СКЈ), Александар Грличков, кој беше задолжен за меѓународна соработка и секретарот на ЦК на Романската комунистичка партија (РКП) задолжен за меѓународна соработка Штефан Андреј. Овие средби се одржуваа наизменично во Белград и во Букурешт. По долгите преговори, на крајот беше постигнат договор Тито да го пречека Чаушеску, но, не на аеродромот во Белград, туку на аеродромот „Брдо“ кај Крањ, така што оваа посета се реализира дури во септември 1976 година. Факт е дека посетата на А.

Ципрас е прва официјална посета на грчки премиер на нашата држава, но, не е точно дека А. Ципрас е прв грчки премиер што стапнал на македонска почва! Во октомври 2000 година во Скопје се одржа самит на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, на кој присуствуваше и тогашниот грчки премиер Костас Симитис… На средбата меѓу тогашниот македонски премиер Љ. Георгиевски и грчкиот премиер К. Симитис, во четири очи, станало збор и за спорот меѓу двете земји околу името на нашата држава. Убеден сум дека доколку тогаш имаше консензус меѓу власта и опозицијата во нашата држава можеше да се постигне далеку поповолен договор од оној што беше потпишан во Преспа! Во согласност со сознанијата, во разговорот на премиерите на двете соседни земји станало збор за географска одредница, северна или горна Македонија, но, не биле отворани прашањата за историјата, за иредентизмот, за ерга омнес и слични прашања што грчката страна ги отвори по антиквизацијата во нашата држава!

На крајот би сакал да нагласам дека селфањето на македонскиот премиер беше невообичаена и непромислена работа! Сериозен политичар со висок ранг по правило со себе не носи мобилен телефон, а неговиот телефон го носи некој член од неговата придружба! Политичарите треба да внимаваат и да не дозволуваат неконтролиран излив на емоции!

(авторот е поранешен дипломат)