Собирот на ракометните репрезентативци е денеска во 17 ч., а еден час подоцна ќе го имаат и единствениот тренинг пред заминувањето за Есхишехир

Во хотелот „Александар палас“ во Скопје, денеска, во 17 часот, ќе биде зборното место на македонската машка ракометна репрезентација, која еден час подоцна ќе го има и својот единствен тренинг пред заминувањето за Есхишехир (Турција), каде што во рамките на репрезентативната недела на ЕХФ ќе одигра два пријателски натпревара со селекциите на Турција и на Италија. За оваа прва фаза од подготовките за настап на Европското првенство (ЕП), кое во јануари идната година ќе се игра во Австрија, Норвешка и Шведска, македонските репрезентативци ќе одиграат и два меча на домашен терен, со селекцијата на Грузија.

Во првите два меча македонскиот селектор Данило Брестовац се одлучи да ги испроба можностите и квалитетите на младите репрезентативци, така што за двата гостински меча во Турција ги поштеди најискусните репрезентативци, капитенот Кирил Лазаров, голманот Борко Ристовски, левото крило Дејан Манасков, бековите Филип Кузмановски и Филип Талевски и пикерот Никола Маркоски, кои, пак, ќе бидат во комбинација за двете пријателски средби со селекцијата на Грузија, кои в петок и сабота ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

За двата меча во Турција, Брестовац ги повика: голманите Мартин Томовски и Марко Кизиќ, крилата Димитар Димитриоски, Бојан Маџовски, Ненад Костески и Мартин Поповски, бековите Дарко Димитриевски, Дејан Кукуловски, Михајло Младеновиќ, Марио Танкоски, Горан Крстески, Марко Мишевски, Томислав Јагуриновски и Мартин Велковски и пикерите Жарко Пешевски, Филип Арсеновски и Милан Лазаревски.