Во услови на големи тензии во Вашингтон се одржаа марш на група бели екстремни десничари пред Белата куќа и контрапротест на противниците на екстремизмот во паркот „Лафајт“. Началникот на полицијата во Вашингтон изјави дека, и покрај хаотичната состојба во градот, немало поголеми проблеми и оти е приведено само едно лице. Најсериозни инциденти се случија кога полицијата се судри со околу 150 маскирани припадници на левичарската група Антифа, како и кога мораше да брани дваесетина екстремни националисти од илјадници учесници на контрапротестот.

Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер, ѝ честита на полицијата за начинот на кој се справила со предизвиците, порачувајќи дека полицајците успешно го одбраниле правото на луѓето слободно да го изразуваат своето мислење и во исто време го одржувале редот.

Протестите се одржаа на годишнината од уличните судири во Шарлотсвил меѓу белите супрематисти и нивните противници, при што загина една жена.