Бројот на оние што ги избришале своите профили е сосема занемарлив и компаниите, освен неколку исклучоци, како на пример „Плејбој“, продолжија да ја користат оваа мрежа и да се рекламираат на неа како и претходно

Фејсбук-корисниците не ја загубија довербата во оваа социјална мрежа, ниту по скандалот со неовластеното користење на податоците на повеќе од 50 милиони луѓе, па, така, не се случи ни драматичен пад на бројот на оние што го користат. Иако многумина повикуваа на бришење на Фејсбук, па дури беше иницирано и движењето „Избриши го Фејсбук“, кон кое се приклучија Џим Кери и Стив Вознијак и ги избришаа своите профили, до масовно напуштање на оваа мрежа, сепак, не дојде. Стручњаците дури ги повикаа корисниците за проверка и уредување на приватните податоци, за да бидат побезбедни на Фејсбук, но и тука немаше поголем одек. За повеќето од нив ништо не се смени, иако шефот Марк Закерберг неодамна одговараше шест часа на мошне непријатни прашања пред американскиот Конгрес.

По сѐ изгледа обичните луѓе не ги загрижува протекувањето на податоците, па дури не ги сменија ни шифрите. И по веста дека нивните податоци завршија во рацете на „Кембриџ аналитика“ и беа злоупотребени за време на американските претседателски избори, повеќето корисници воопшто не реагираа на овие проблеми, бидејќи не почувствуваа никакви директни негативни последици од протекувањето на тие податоци. Бројот на оние што ги избришале своите профили е сосема занемарлив и компаниите, освен неколку исклучоци, како на пример „Плејбој“, продолжија да ја користат оваа мрежа и да се рекламираат на неа како и претходно. Потпретседателката на глобалните маркетинг-решенија на Фејсбук, Керолин Еверсон, објави неверојатни податоци. Не само што корисниците не ги избришале своите профили, туку повеќето од нив одлучиле да ги игнорираат известувањата за приватноста.