Во сите храмови на Македонската православна црква вчераутро се одржуваа божиќни литургии. Централното одбележување на големиот христијански празник Божиќ беше во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан отслужи литургија на св. Василиј Велики пред насобраните верници.

По повод Божиќ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упати божиќно послание во кое им пожелува мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот поздрав „Христос се роди!“.

Меѓу присутните во соборниот храм беше и владина делегација, предводена од вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерката за правда Рената Дескоска и министерот за финансии Драган Тевдовски, кои заедно со насобраните граѓани присуствуваа на централната свечена божествена литургија во соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица на божествена литургија по повод празникот беше во црквата „Свети Леонтиј“ во Водоча, кај Струмица.

– На Божиќ во храмовите се потсетуваме да ги отвориме срцата за да ја примиме радоста од Христовото раѓање што нѐ исполнува во овие свечени денови. Радоста да им ја посакаме и подадеме и на другите, блиските, најсаканите и заедно да го преобразиме злото во добро. Христос се роди! – објави премиерот Заев некаде напладне на својот фејсбук-профил.

Во исто време од пред соборниот храм во Скопје, по божиќната литургија, се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој јавно им го честита на сите верници од православна вероисповед празникот Божиќ.

– Ја користам оваа пригода од соборниот храм во Скопје на сите верници од православна христијанска вероисповед да им посакам среќно Христово раѓање, среќен Божиќ, здравје, среќа, бериќет, насмевки и успеси за нив и за нивните семејства. Новата 2019 година да ни биде на сите многу поуспешна и подостоинствена, споредено со изминатата 2018 година – рече Мицкоски по завршувањето на литургијата.

Претходно и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој вчераутро присуствуваше на архијерејската литургија во соборниот храм во Скопје, по завршувањето на литургијата на сите верници им го честита празникот, со поздравот „Христос се роди! Навистина се роди!“ и им посака многу здравје, радост, среќа и да бидат сплотени како за празниците, така и во текот на целата година.

– Празниците не се само за празнување туку и за потсетување, да нѐ потсетат на сето она што ни овозможило да опстојуваме низ вековите, да нѐ потсетат дека треба да го сакаме, почитуваме и чуваме тоа што го имаме, а не тоа што го немаме, затоа да си ја чуваме, почитуваме и сакаме Република Македонија, бидејќи неа ја имаме – рече Иванов.

Инаку, Божиќ е вториот по ред најголем христијански празник, на радоста – денот кога се слави Бог и населението се радува на спасоносниот настан.