Во барот „Менада“ во Скопје вечерва со почеток во 21 часот ќе се одржи промоција на новиот албум на бендот „Фајтинг виндмилс“ насловен „An Exercise in Surprise“, како издание за независниот музички издавач „Шарла Рекордс“. Овој музички колектив, основан 2007 г., е составен од пет високообразовани музичари, кои досега снимиле пет албумски изданија. Членовите на групата цело време инвестираат во истражување нови музички територии внимателно градејќи го својот автентичен став и израз.

Стилски и жанровски се ослободени од какви било јасни одредници, иако можат да се препознаат разни влијанија од построк, слободен џез, постпанк и современата класична музика или одредени фолклорни и современи амбиентални варијации. На новиот албум „An Exercise in Surprise“, „Фајтинг виндмилс“, покрај веќе востановените насоки флертуваат и со елементи на современиот скандинавски џез, диско-панк и теми од соло-делниците на Чарли Паркер. Генералниот концепт и насловот на албумот се инспирирани од албум на легендарниот квинтет на Кен Вандермарк. Целиот материјал е авторско и продукциско дело на членовите на бендот, снимен е во студиото BPM на Младен Павлески, а измиксан и мастеризиран во студиото „Алшар“ на Ивица Јанкуловски. Дизајнот го изработи гитаристот на бендот Филип Букршлиев-Бука.

Албумот ќе биде достапен во облик на луксузно ЦД-издание во ограничен број за време на вечерашната промоција, на која групата во живо ќе го отсвири комплетниот албумски материјал.
Од утре тој ќе биде достапен за слободно дигитално преземање на профилот на „Шарла рекордс“. „Фајтинг виндмилс“ на први јуни ќе бидат единствени македонски претставници на годинашниот „Оффест“ во организација на „Скопје џез-фестивал“.