Промоција на новата, втора книга на Ана Јовковска, „Ехо на слободата“ ќе се одржи вечерва во 20 часот во клуб-ресторанот МКЦ. Книгата е издание на издавачкиот центар „Три“. Илустрацијата на корицата ја направи уметникот Ване Костуранов. Промотори се Владимир Мартиновски и Ана Мартиноска, а музичкиот дел е на Бранислав Николов од „Фолтин“.

– Гласовите на моите соговорници, во оваа книга сите заедно потпишани под зборот човек, се ехо на слободата на едно време. Во обидот да ги спојам рационалното и емотивното, научното и интуитивното, актуелното и безвременското, ја создадов оваа збирка на културолошки дијалози што танцуваат на тенкото јаже на слободата – вели авторката. Во осврт кон книгата Владимир Мартиновски вели дека новата книга на Ана Јовковска, соодветно именувана „Ехо на слободата“, е природно надоврзување на нејзината претходна „Пулсот и времето“.

– Таа е уште еден плод на нејзините безрезервни заложби, ретка посветеност, беспрекорен професионализам и драгоцена дарба за суштински дијалог, кој секогаш, без исклучок, води кон наслушнување не само на емотивниот, мисловниот и духовниот „пулс“ на соговорникот, туку и на невралгичните премрежиња на нашево време – вели Мартиновски.