Во париски амбиент, со кроасани, макаронс-колачи и со француска музика во саботата беше промовиран прирачникот „Како се оди во Париз“ од авторката Јана Мишо, на штандот на книжарницата „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс ламина“ во рамките на 30-то издание на Саемот на книгата. Писателката позната по своите два романа „Анаис од Монмартр“ и „Скоро парижанка“ изјави дека прирачникот е наменет за сите што сакаат да собираат спомени, да запишуваат, да водат дневници, споменари, да лепат фотографии, да чуваат билети, сметки, исечоци, сите љубители на книги, на уметност и сите што сакаат уште ова да го стават во куфер.

Денеска во 12 часот ќе се одржи работилница за деца, „Исидора Мун“. Писателката за деца Билјана Црвенковска и стрип-авторот Здравко Гиров во 17 часот ќе го промовираат својот нов серијал за деца ТКЦП, вклучувајќи го и романот „Канџа во мракот“. Во 18.30 часот, специјалниот гостин на „Арс ламина“ на овој саем, најпродаваниот автор за деца во Србија – Урош Петровиќ ќе го промовира серијалот „Загадочни приказни“ на македонски јазик.