Во главниот град на Катар, Доха, и во 27 други поголеми градови низ целиот свет беше претставено логото за 22. Светско првенство (СП) во 2022 година во фудбал. Дизајнот е инспириран од арапската култура, со централна тема заснована врз волнен шал како асоцијација дека тоа ќе биде првото СП што ќе се одржи во периодот есен/зима.

Логото, кое беше промовирано во 20.22 часот по локално време, според годината на одржување на СП, преку синхронизирани видеопроекции на побитните и поголеми згради низ Катар, но и на лондонскиот плоштад „Лестер“, на „Тајмс сквер“ во Њујорк, на „Гар ди Норд“ во Париз, во Буенос Аирес, во Москва, Јоханесбург, Сао Пауло, Сеул итн.

Финалниот турнир на СП 2022 треба да почне на 21 ноември и да заврши на 18 декември, националниот празник на Катар, кој организацијата на Мундијалот 2022 го доби во 2010 година, во конкуренција на САД, Австралија, Јужна Кореја и на Јапонија.