Фото: Дарко Андоновски

Книгата „Разговори за нас“ на новинарката и културна активистка, Катерина Богоева, претставува збирка од 30 интервјуа, снимени и објавени во периодот од 2000 до 2017 година во две списанија и еден дневен весник: „Глобус“, „Премин“ и „Утрински весник. Реализирани се во период исполнет со разни политички промени во Македонија.
– Мислењата и ставовите на еминентните соговорници од неколку држави за различни прашања: археолози, етнолози, архитекти, историчари на уметноста, сликари, писатели, режисери, фотографи, театарски продуцент, актер, диригентка, преведувачка… прават еден вид сложувалка отсликувајќи ја актуелната реалност, влечејќи паралели со настани од минатото, но и нудејќи различни визии за иднината – вели Калина Буневска Исаковска од издавачката куќа „Блесок“.

Книгата беше промовирана пред многубројна публика во Младинскиот културен центар, а промотори на книгата беа Бојан Иванов и Емилија Петреска-Камењарова.
– Во најголем дел со помалку или повеќе непосредно присутни или зададени мотиви – проблематиката на културното наследство се налага како најцврсто испредена нишка од најразновидните тематизации на научното, творечкото, критичкото и воопшто, културно секојдневие на македонското општество; имено, во овие средби Богоева честопати ја ползува методологијата на латентна конфронтација, нејзините прашања го изместуваат соговорниците од удобноста на нивното знаење во неизвесниот простор на квалификувани мненија за минатото или сегашноста – рече Бојан Иванов.

Емилија Петреска-Камењарова, пак, ги споредува интервјуата на Богоева со интервјуата што најчесто ги слушаме и читаме во новите медиуми.

– Таа знае со кого разговара, знае за што разговара со нив и знае која е намерата на интервјуто што го прави. Во интервјуата на Кате нема случајни прашања, секое е добро обмислено и секое си има одредена цел и сака да испровоцира нешто од соговорникот – подвлече Петреска-Камењарова.

Последниот збор го имаше авторката. Богоева во својот емотивен говор се присети на почетоците на својата новинарска кариера во периодот на распадот на Југославија, кога новинарите од таа генерација во тоа време биле младите новинари што учеле што е тоа живот, што е тоа држава, што е тоа распад на држава и што е тоа светла подобра иднина.