Во книжарницата „Литература.мк“ на улицата Македонија деновиве се одржа промоција на новото издание за креативни родители, „Радосница“, од Калиопи Трпчева.

Радосницата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, е наменета за сите идни родители. Во неа ќе можат на креативен и интересен начин да ги бележат поважните моменти на своето новороденче. Низ шарените страници на радосницата, која е осмислена и нацртана од академската сликарка и графичка дизајнерка Калиопи Трпчева, родителите може да ги внесат сите податоци во првата година на своето дете: од периодот на бременоста, раѓањето, првото капење, прошетка, патување, првите запчиња и чекорчиња, па до првиот роденден. Го следи растењето на детето, месец по месец, меморирајќи ги најинтересните мигови, промени и новости. Оваа радосница се разликува од другите по тоа што, покрај тоа што има простор за допишување и додавање фотографии, може да се обои, по желба на родителите.

Авторката вели дека радосницата е работена со многу љубов во периодот кога се родило нејзиното прво дете, синот Марко, кому му го посветува ова дело.