„Пинокио и вештерката“ е насловена новата, трета по ред книга на авторката Наташа Димитриевска, која завчера ја доживеа својата промоција во кафулето „Амигос“ на улицата Македонија.
– Овој роман јасно порачува дека за лошите постапки нема оправдување. Но авторката е сепак оптимистичка, кога на Пинокио, кој всушност е аматер во споредба со луѓето, кога станува збор за лагата, му го дава следниот совет: „Остави ги луѓето нека лажат. Нив не можеш да ги поправиш, тоа е преголем залак за тебе. Врати им се на децата и натерај ги да те засакаат. Да го победат стравот. Да ја најдат вистината преку бајките“ – напиша рецензентката Ангелина Бановиќ-Марковска.

Пред присутните гости, љубители на убавиот пишан збор и пријатели на Димитриевска, за книгата говореа Весна Костовска и Ѕвездан Георгиевски, а актерот Александар Микиќ прочита делови од „Пинокио и вештерката“.
Илустрацијата на корицата е на академскиот сликар Мирослав Масин.
Инаку, Наташа е автор и на книгите: „Ласа“, семејна приказна издадена во 2010 г. и „Девојко мала“, приказни за Скопје видени низ очите на генерациите од 1980-тите, издадена во 2014 година.