Александар Прокопиев (1953), раскажувач, романсиер и есеист, е еден од најпреведуваните македонски современи писатели. Многу често неговите дела, универзални по своите пораки, се читаат на други јазици како да се на нив запишани. На српски се преведени осум негови книги, седум книги раскази и еден роман, „Ѕиркачот“.

Убедени сме дека кратките раскази се вистинскиот нуклеус во создавањето на Александар Прокопиев. Збирките што се предмет на нашето внимание се разликуваат не само од оние што се напишани од македонски автори, туку и од збирките кратка проза на најзначајните светски писатели. Тие се – и тоа е нешто што исто така ги одликува – различни и ако се споредат меѓу себе. Се чини дека во Прокопиев буквално клопоти изворот на кратката проза, како тој да ја создал формата во која ќе се изрази на најдобар можен начин. Она што го посакуваше Антон Павлович Чехов, еден од велемајсторите на ваквата проза, откако му стана сосем јасно дека нема да напише роман и дека, дури и да успее да го направи тоа, никако не ќе може да им биде вистинска конкуренција на оние што веќе ги напишале ненадминатите, на Толстој и Достоевски – пишувањето кратка проза како роман на дланка, стана желба, сосема остварена, и за македонскиот писател.

Сакајќи да ја воспостави разликата меѓу класичниот расказ и своите раскази, Чехов за своите остварувања прибележува дека се „приказни без почеток и крај“. Токму тоа би можело да биде макар почетна точка за дефиниција на краткиот расказ. Според неа, отворени се два раба – почетниот и завршниот, па и од една и од друга страна, расказот може, без какви било ограничувања, да го „всркува“ контекстот што не е, директно, негов составен дел. Ако сакаме да ја „заостриме“ дефиницијата на краток расказ, а притоа да не ја затвориме во теориски кафез, ќе го определиме како расказ епифанија, онака како што епифанијата ја определува Џејмс Џојс, како „душата на најобичниот предмет, чија структура е во толкава мера приспособена, што ни се чини дека зрачи“.

Книгата „Човечулец“ самиот писател ја „дефинира“ како бајки од левиот џеб. Прокопиев, како вистински постмодернист што несомнено е, со оваа „дефиниција“ алудира на познатата книга на Карел Чапек „Приказни од левиот и десниот џеб“. Десниот џеб сѐ уште, кога е во прашање македонскиот писател, не ја истресол својата содржина. Во левиот се собрале осумнаесет раскази. Писателот ги нарекува бајки зашто секоја од нив за свој модел има некоја позната или понепозната бајка. Иако ни се чини дека времето на бајките е минато, или дека барем ние не живееме во бајковито време, тоа мислење авторот не го дели. Бајките од кои поаѓаат неговите раскази сосема се искосени, мајсторски испревртени. Ништо не е свето за да не смее да се подвргне на содржинска иронична, хумористична ревизија. Дури и на авторска диверзија. Треба само да се погледне како минува Петар Пан во „Недојдија“ или Палчо во истоимениот расказ. Пред секоја бајка стои (што му претходи на нејзиниот наслов) „упатство“ кога и кому таа се кажува. Писателот некогаш упатствата ги претвора во антиупатства, па еднакво забранува некоја од неговите приказни да биде кажана „таму“ и „некому“. На пример, „Палчо“ се „кажува наутро, додека бавно се срка чкембе-чорбата за да се отрезни од синоќешното пијанство“, а „Приказната за буквата Љ.“ – „не им се кажува на демократите“. Или, „Божикната сказна“ – „се кажува ноќта наспроти роденденот на починатиот татко“, а „Аџијата, кондураџијата и будалата“ – „не се кажува додека се ручаат жабји батаци“. Бајките се распоредени така што градат фрагментирана целост. Во една од нив се појавува Хорацио Цвикало, јунак со кој сме се среќавале во поранешните книги на Прокопиев. Некои од расказите се мошне кратки, додека други спаѓаат во најдолгите што нивниот автор ги напишал. Се експериментира, срамежливо, со бројките и нивните симболични функции, но и со буквите и нивните деформации. Фуснотата станува составен дел од приказната. Цитатната мрежа е расплетена низ целата книга. Со еден збор, наратолошката игра продолжува и понатаму да се игра. Ќе се игра додека Прокопиев продолжува со своето пишување да ја матира приказната.

Александар Прокопиев нѐ забавува со својата проза. Предизвикувајќи го создавањето, тој одново ја осознава приказната. Поседува свое плетиво, остварува свој прозен вез. По неговата трага не може да оди никој. Другите, помладите писатели тој не ги советува како да пристапат кон пишувањето кратка проза. Тоа, или се знае, или, неповратно, не се умее. Неговото упатство за другите би било, единствено можно, антиупатство. Не идентификувајте се со мене! Не идентификувајте се со кого било! Ни со Чехов, ни со Мопасан, ни со По, ни со Кафка, ни со Борхес, ни со Хармс! Идентификувајте се само – ако сте веќе принудени да се угледате – на своето внатрешно себе. Тогаш, единствено тогаш, ќе бидете приказна.

(фрагмент од подолга студија)
Во белградската Универзитетска библиотека во тек е циклусот за словенската книжевна фантастика, односно секоја среда е посветена на предавање за одредено дело од словенски писатели – од Станислав Лем, браќата Стругацки, Јацек Дукај, Сергеј Лукјаненко, Зоран Фериќ… Средата, 17 април, ќе се излага и ќе се дискутира за книгата „Човечулец“ од Александар Прокопиев. Циклусот е под замисла и водство на српскиот теоретичар на литературата Дејан Ајдачиќ, кој долго време предава на универзитетите во Киев (Украина) и во Лоџ (Полска).

Збирката раскази „Човечулец“ на Прокопиев, покрај многубројните преводи во странство, често е повод за анализи на странските книжевни критичари. Неодамнешната студија на ценетиот српски книжевен проследувач Душан Стојковиќ е уште една потврда за успешниот прием на ова дело.

Душан Стојковиќ