Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ неодамна освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај, кој традиционално се одржува во Берлин, Германија.

Заедничкиот проект подготвен од учениците од 4-а одделение „Летаме во вселената“ беше координиран од тројца наставници во својство на ментори: Дијана Петроска, Розита Костова и Стефан Симовски. Проектот на учениците од ова скопско училиште успешно ја помина прелиминарната фаза на натпреварот и влезе помеѓу десетте најдобри, а за својот конечен пласман наградените добија фарма за одгледување пеперутки и соодветни дипломи.

Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, „Луфтханза техник“ АД и концернот ЕАДС (во чиј состав влегува и познатиот производител на патнички авиони „Ербас“). Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение годинава ја донесе седумчлено стручно жири составено од претставници на организаторот, Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, универзитетски професори (астрофизичари), наставници, германски владини претставници, парламентарци и претставници на концернот „Ербас“.

Учеството на овој меѓународен натпревар ООУ „Лазо Трповски“ го реализира како воннаставна активност.

Стефан Симовски, предметен наставник по германски јазик во ООУ „Лазо Трповски“