„Зајакнување на општинските совети“ е насловена темата на презентацијата што се одржа пред советниците на општината Карпош. Претставниците на УНДП, Марин Николиќ и Биљана Настовска, го претставија проектот, чија основна цел е зајакнати и информирани општински совети што активно ќе ги спроведуваат улогите на надзор и претставување. Притоа општинските власти стануваат поодговорни и поделотворни во исполнувањето на потребите. Како што беше кажано пред почетокот на завчерашната седница на советот во Карпош, предвидено е проектот да се реализира преку три проектни компоненти.

Првата ќе биде посветена на зајакнување преку развивање на капацитетите на советниците врз основа на традиционални и иновативни методи, потоа зајакнување преку финансиска поддршка, како мали грантови за приоритетни мерки на општините, избрани преку јавни консултации, и зајакнување преку вмрежување.
Подготвителната фаза на проектот се состои од сеопфатна анализа на тековната состојба во советите на локалните самоуправи во земјава, спроведување интервјуа со претставници на централната и локалната власт со повеќе од 170 советници, одржување 30 консултативни настани и подготвување проектен документ, во фаза на имплементација.

Овој проект е почнат од 2016 година и треба да заврши во 2020 година, а се реализира во фазен период од четири години. Со него ќе бидат опфатени сите совети на Единицата на локалните самоуправи. Трансверзални теми на обработка во овој проект се родовите прашања, доброто управување, социјалната инклузија и меѓуетничката соработка. Институционални партнери на проектот се Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии. Проектот е финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) – Швајцарска амбасада. Локалните самоуправи ќе можат да учествуваат со аплицирање на проекти и проектни активности за кои би добиле грант во висина од 50.000 швајцарски франци.