Досега 13 тренери беа селектори на македонската репрезентација, а 14-от ќе ја предводи на патот кон пласманот на ЕП 2021

Преговорите со Октај Махмути за селектор на македонската машка кошаркарска репрезентација продолжуваат, иако уште нема конкретни детали. Прелиминарните разговори се направени, но потребно е да се финализираат и некои детали. Се разбира, не се исклучува можноста селектор да биде и тренер од Македонија. Моментно вниманието ни е одвлечено и со решавањето на проблемот со почнувањето на натпреварувањето во Втората лига, вели генералниот секретар на Кошаркарската федерација на Македонија, Владимир Георгиевски.

Секако, колку побрзо се избере новиот селектор, толку подобро, оти на 20 февруари в година репрезентацијата на Македонија го игра првиот дуел од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, против Естонија. Во нашата група се уште и фаворизираните селекции на Италија и на Русија. На ЕП 2021 ќе играат најдобрите две селекции од групата, изземајќи ја Италија, која е веќе пласирана како еден од домаќините (заедно со Германија, Грузија и со Чешка од другите групи). На ЕП 2021 ќе играат вкупно 24 репрезентации.

Селекторската функција во македонската машка кошаркарска репрезентација е испразнета откако Федерацијата соопшти дека истекол договорот со досегашниот селектор Јорданчо Давитков, кој беше назначен на таа функција пред две години. Махмути, кој е роден во Скопје, а досега, меѓу другите, бил тренер и на Бенетон, Галатасарај, Анадолу Ефес, Дарушафака…, неодамна беше во Скопје, каде што одржа предавање на задолжителниот семинар за кошаркарските тренери што аплицираат за добивање лиценца.

Досега македонската репрезентација ја водеа 13 тренери, Давитков и Марин Докузовски во два наврати, а по еднаш Александар Књазев, Благоја Георгиевски, Стерија Андоновски, Лазар Лечиќ, Заре Марковски, Јовица Арсиќ, Марјан Лазовски, Алеш Пипан, Александар Џикиќ, Марјан Србиновски и Драган Раца.