ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп воведе продолжен престој за ученици. Капацитетот на продолжениот престој е за триесетина деца. Целта на дневниот престој е да им се помогне на родителите да ги згрижат своите деца во моментите кога се наоѓаат на своите работни места. Ќе работи од 8 до 16 часот за опфаќање на двете смени.

– Како локална самоуправа се грижиме и за децата во основните и во средните училишта, издвојуваме средства за уредување на инфраструктурата, за реновирање на училниците и тоалетите, за набавка на нагледни средства и сѐ друго што е потребно за воспитно-образовниот процес. Освен за отворање на продолжениот престој, оваа година издвоивме околу 3 милиони денари за реконструкција на подовите и плафоните во неколку училници, за спортската сала и со исто темпо ќе продолжиме и во другите училишта – вели градоначалникот Илија Јованоски.

Во училиштето за подобрување на наставниот процес во тек е реконструкција на целиот трет кат со средства од локалната самоуправа, на фискултурната сала и на повеќето училници.