Прогресивна папазјанија (2)

Не е спорно дека во земјата има голема социјална нееднаквост и дека се потребни мерки за социјална правда. Дали првиот чекор за праведност е повеќе данок за тие што веќе плаќаат најмногу (во апсолутни износи)? Дали не треба да биде првиот чекор да почнат да плаќаат данок тие што воопшто не плаќаат – учесниците во неформалната економија?

Владата не само што говори туку има и намера да го воведе прогресивниот персонален данок од 18 проценти за 74.000 граѓани што имаат приходи над илјада евра месечно, наспроти досегашниот рамен данок од 10 проценти за сите, со што би се собрале околу 30 милиони евра, кои на пример би се употребиле за зголемување на социјалната помош на 12.000 македонски денари. И тоа заслужува јавна дебата. Не е спорно дека во земјата има голема социјална нееднаквост и дека се потребни мерки за социјална правда. Дали првиот чекор за праведност е повеќе данок за тие што веќе плаќаат најмногу (во апсолутни износи)? Дали не треба да биде првиот чекор да почнат да плаќаат данок тие што воопшто не плаќаат – учесниците во неформалната економија?

Најмалку една четвртина од македонската економија е неформална, има неформална вработеност од 18,5 проценти во 2016 година, има скриени плати, исплати во кеш, за кои не се плаќаат придонеси, има даночни дупки итн. Дали е логично и праведно Владата да постигне сите да плаќаат данок, а потоа тие што имаат повисоки примања? Да. Кога Владата ќе ги сузбие неформалната економија и вработеност и скриените плати, може да се дебатира за прогресивен персонален данок. И уште една дилема, дали е Владата подготвена и за прогресивен данок на добивка? Големите корпорации како „Телеком“ да плаќаат повисок данок на добивка од микро и малите претпријатија? Дали и тоа е праведно? Или друга дилема, дали социјална праведност може да се постигне со намалување на даноците на социјално ранливи лица? За дефинициите на богат. Додека за сиромаштија има дефиниран праг (околу 250 евра за четиричлено семејство), за тоа што значи „богат“ немаме прифатена дефиниција. Дали е богатство плата што е надомест на труд, без разлика на висината?

Или е богатство приходи од капитал како изнајмување имот или дивиденди? Дали е богат некој што има 1.000 евра плата, а е единствениот што работи во семејството? Се чини дека дистанцата од еден спроти четири меѓу сиромаштија (250 евра) и богатство (1.000 евра) е многу мала. За бројките на можни даночни обврзници. Премиерот Заев говореше за 74.000 граѓани што имаат примања над 1.000 евра во месецот. Во 2016 година Македонија имала над 700.000 вработени, од кои над 100.000 се неформални вработувања, или има околу 600.000 формални вработувања. Тоа значи дека станува збор за над 10 проценти од вработените. Ова бројка е во остра контрадикторност со бројката од само 2 проценти од граѓаните што имаат приходи над 60.000 денари, објавена од „Фајненс тинк“, а извор е Министерството за финансии. И да се зема предвид разликата во терминологијата како вработени или граѓани бројките се многу различни. Поблиску до бројките изјавени од премиерот се граѓани со приходи над 50.000 МКД (околу 9 проценти).

Ова, пак, може да значи дека разликата во бројките може да се должи дали се говори за 1.000 евра месечно како нето или бруто-приход. Изјавените бројки стануваат пологични доколку се зборува за бруто-примања од 1.000 евра, но тоа значи дека прагот на оданочување е уште понизок, бидејќи брутото од 1.000 евра станува нето од 660 евра. За важноста на овие даночни обврзници. Точно е дека 74.000 луѓе се малку, поточно малку гласачи. Ќе бидат засегнати и нивните семејства, така што бројката на засегнати од прогресивниот персонален данок е поголема. Повеќето од овие граѓани се на раководни позиции, концентрирани во сектори како финансии, ИТ, енергетика, накратко тоа се луѓето што ја водат оваа економија, па и политиката. Тие веќе го плаќаат својот дел. Често за возврат добиваат помалку бидејќи користат приватни услуги наместо државни услуги.

Точно е дека и доколку ја напуштат земјата, ќе заминат во земја каде што се плаќа повеќе данок. Но министерот Тевдовски изуми да каже дека тоа се земји каде што не само што се плаќа повеќе данок туку и се добиваат повеќе и подобри државни услуги отколку во Македонија. Е, тука во дилемата од типот на кокошка и јајце, што е прво данокот или услугите, многу простор има за подобрување на услугите. Доколку се воведе прогресивен персонален данок, дебата заслужува и намената на собраните средства. Премиерот Заев најави дека собраните средства ќе бидат за зголемување на социјалната помош на околу 12.000 денари. Покатастрофален предлог здравје. Нашата држава и буџет се оптоварени со социјални трансфери, и веројатно е здраворазумски да се очекува новите приходи да се наменат за развојни проекти. И доколку бидат наменети за социјални проекти, исто така здраворазумски е тоа да биде за работно неспособно население.

Целосно неразумно е да се изедначи нивото на социјалната помош (приматели се работоспособни лица) со нивото на минимална плата, бидејќи со тоа ќе се поттикнува неработење. И да, ќе се поттикнуваат неформалната економија и вработеност, бидејќи дел од социјалните случаи се неформално вработени во сектори како земјоделство, градежништво, угостителство и други услужни дејности. И од тоа најголема корист ќе имаат сопствениците на фирми што ангажираат неформални вработени, бидејќи имаат поевтини работници. И тука е таа негативна спирала, ќе се земат повеќе пари од тие што веќе плаќаат данок, за да се субвенционира неформалната економија и тие што секако не плаќаат данок. Воведувањето прогресивен персонален данок не е едно прашање, туку задира во повеќе политики и економски прашања и затоа заслужува темелна јавна расправа.

(Авторот е аналитичар)
Блог www.megjutoa.mк @sklek