Денеска ќе играат Германија – Шпанија, Аргентина – Италија, Англија – Холандија, а во вторник и Германија – Бразил, Аргентина – Шпанија, Англија – Италија…

Денеска низ светот во т.н. „интернационална пауза“ ќе се одиграат 24 контролни фудбалски натпревари. Тие средби на повеќето репрезентации треба да им послужат за проверка на формата пред настапот на Светското првенство (СП) во Русија летово. Актуелниот светски првак Германија се среќава со Шпанија, а по неколку дена и со Бразил, две силни репрезентации што треба да бидат вистински тест за избраниците на Јокаим Лев, кои ги добија сите 10 меча во квалификациите за СП.
Аргентина, предводена од Лионел Меси, која ја сметаат за еден од првите фаворити за освојување на титулата, прво игра со Италија, а потоа и против Шпанија. „Гаучосите“, кои со тешки маки изборија пласман на финалниот турнир, го играат првиот посериозен натпревар против една европска селекција, по ноември 2014-та кога загубија од Португалија со 0-1.

Англискиот селектор Герет Саутгејт на мечевите со Холандија и со Италија ќе проверува неколку нови фудбалери, посебно во одбраната, во отсуство на повредените Гери Кејхил, Џон Стоунс, Крис Смолинг и Фил Џонс.
Меѓу поинтересните дуели се Аргентина – Италија, Германија – Шпанија, Холандија – Англија, Австрија – Словенија, Полска – Нигерија, Португалија – Египет, Франција – Колумбија, Русија – Бразил, Бугарија – БиХ, Турција – Република Ирска, Грција – Швајцарија, Србија – Мароко итн.