Автомобилската индустрија прави разни промени во горивните и електричните автомобили, но промените во тоа како се напојуваат автомобилите не се доволни. Нашите возила треба да станат поефикасни на секој можен начин. Еден пристап на автомобилските корпорации е производството на електрични автомобили. Електричните автомобили вообичаено се економични, но и доста бавни и почесто треба да се напојуваат. Друг пристап, кој е помалку промовиран изминативе години, е создавањето приспособливи автомобили.

Приспособливи автомобили претставуваат возила што се приспособуваат кон патните услови и овозможуваат помала потрошувачка на гориво и поголема аеродинамика. Производителите на автомобили имаат малку време, некаде до 2025 година ќе мораат нивните флоти од нови автомобили да постигнат ефикасност од 23 литри по километар за сите нивни просечни автомобили. Пред неколку години Агенцијата за заштита на животната средина во Соединетите Американски Држави воведе регулатива што наложува поголема ефикасност кај возилата. Затоа автоинженерите, во потрага по поголема ефикасност, сега при дизајнирање на автомобилот поголемо внимание насочуваат во создавање подобра аеродинамика. Но аеродинамичните автомобили честопати не изгледаат толку убаво и стилски.

– Борбата е помеѓу дизајни што се продаваат и аеродинамика што би можела да изгледа грдо. Има постојана битка помеѓу инженерите и дизајнерите. Но активната аеродинамика може да биде решение и за двете страни – смета Даниел Инман, претседател на Одделот за воздушен инженеринг на Универзитетот во Мичиген, Ен Арбор.

Активна аеродинамика е способноста на автомобилот да го минимизира триењето од воздухот на автомобилот со менување на неговата форма според оперативните услови. Ова значи дека дизајнерите можат да ги задржат посакуваните убави линии на моторното возило. Но потоа, при движењето, да има можност да се менува телото на автомобилот преку отворање автомобилски панели околу себе, за подобро управување на протокот на воздух. Инман и неговите колеги од одделот за воздухопловство сѐ почесто ги бараат за консултации и ги повикуваат од автомобилските компании да ја применат својата воздухопловна експертиза на земјените возила.

Одамна автомобилските производители развиваат технологија, свесно или несвесно, за да овозможат подобра аеродинамика на автомобилите. „Пакард“ уште од 1920 година измисли термостат што го контролира протокот на воздух во предниот дел на автомобилот. Целта на овој уред е да го намали затоплувањето на моторот преку контрола на ролетните во предницата на возилото. Но во тој процес исто така се постигнува подобра аеродинамичност на возилото. Францускиот производител на автомобили „Ситроен“, разви хидропневматски систем за суспензија, така што возачите можат да ја приспособат висината на автомобилот за подобар квалитет на возење или поголема прегледност, истовремено добивајќи корист во ефикасноста и аеродинамиката. Добрата вест е што неодамнешните напредоци во компјутерските процесори, прецизните контролори и создавањето напредни лесни материјали овозможуваат менување на формите кај автомобилите, што во последните генерации не беше можно.

„Мерцедес-Бенз“ покажа некои од овие технологии со своето возило „концепт ИАА“ (интелигентен аеродинамичен автомобил), откриен на саемот во Франкфурт во 2015 година. Автомобилот „вижн некс 100“ на БМВ исто така го користи концептот на приспособлива технологија на автомобилите. „Мерцедес-Бенз ИАА концепт“ работи на таков начин што кога автомобилот ќе постигне 80 километри на час, се трансформира.

Страничните спојлери се прошируваат, ламелата и предниот спојлер се повлекуваат и намалуваат, бандажите се истакнуваат, а опашката на автомобилот се издолжува со што се зголемува вкупната аеродинамика на автомобилот. „Мерцедес-Бенз“ исто така од лани подготвува нов сличен концепт за приспособливо комбе. Концептот „Вижн некс 100“, од друга страна, автоматски се приспособува според моменталните патни услови. На пример, доколку автомобилот врти во кривина, едната страна или дел од тркалата малку се издолжуваат. Во овој процес се создаваат дупки низ кои циркулира воздух. На овој начин се овозможува намалување на триењето, но и се намалува потрошувачката на енергија на автомобилот.

Во меѓувреме, автомобилската индустрија веќе прави чекори кон следната генерација на активна аеродинамика, новата област наречена „морфинг“, која е инспирирана од птици. Истражувачите ги проучуваат суптилните разновидни начини на кои птиците го менуваат обликот на своите крилја кога летаат. Истражувачите се обидуваат да произведат материјал што го чувствува протокот на ветерот и преку систем за контрола веднаш реагира на протокот на воздухот со реконфигурација на својата форма за постигнување максимален аеродинамичен перформанс.